Познатата модна куќа „Фенди“ со 2,18 милиони евра ќе помогне во обновата на славната Фонтана ди Треви од 18. век, која се наоѓа во Рим и секојдневно привлекува илјадници посетители.
Работите на проектот ќе трааат 20 месеци, соопшти модната куќа, на прес конференција на која присустуваа и дизајнерите Карл Лагерфилд и Силвија Вентурини Фенди кои изјавија дека проектот ќе ги комбинира љубовта кон минатото на Рим и потребите да се гледа кон иднината.
Римската фонтана, како што изјави Лагерфилд, „ја глорифицира водата, која е најважна работа на светот“, пренесуваат агенциите
„Фенди“’ е најновата компанија која притекнува во помош на италијанската културна оставнина од како земјата е зафатена од рецесија.
Диего Дела Вале, сопственик на луксузната линија за обувки „Тод’с“’ издвои 25 милиони долари за реставрација на римскиот Колосеум. За враќање на сјајот на венецијанскиот мост Риалто е заслужна модната куќа „Дизел“’, која за оваа намена издвои пет милиони евра.
Славната Фонтана ди Треви, која е оштетена како последица на минатогодишната зима, е изградена по порачка на папата Клемент дванаесетти во 1732 година. Исто така, оваа фонтана е прикажана и во филмот на Федерико Фелини „Ла долче вита“’, а според легендата, оној кој ќе фрли паричка во фонтаната повторно ќе се врати во Рим.
Работите на раставрацијата на фонтаата планирано е да завршат во 2015 година.