Матурска парада во Скопје

Од:

Околу 400 матуранти од Скопје и 1 500 од другите градови денеска учествуваа на манифестацијата „Матурска парада“ што се одржа на скопскиот плоштад „Македонија“. На манифестацијата имаше учесници и од Словенија, Србија, Словачка, Црна Гора и Унгарија.

Во Скопје годинава учествуваат средните училишта „Васил Антевски – Дрен“, „Владо Тасевски“, „Михајло Пупин“, „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Здравко Цветковски“, „Димитар Влахов“, „Арсени Јовков“, „Браќа Миладиновци“, „Кочо Рацин“, „Шаип Јусуф“, „Георги Димитров“, „Панче Караѓозов“, „Јосип Броз Тито“ и МБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на матурантите им посака многу среќа и успех понатаму во животот, очекувајќи, како што рече, сегашните генерации да бидат предводници на нови позитивни промени и на просперитетот на државата.

-Сега сите се наоѓате пред испитот на зрелоста, на крстосница на која мора да одлучите во кој правец ќе се движите. Некои од Вас ќе одлучат да го продолжат образованието и јас давам совет, освен по личните афинитети и желби, да се водите и според информациите за тоа каков кадар недостасува на пазарот на трудот. Така, работодавачите сами ќе ве бараат. Некои пак, директно ќе се вклучат на пазарот на трудот. И нив ги советувам, да продолжат да се надградуваат, да ја користат секоја прилика за стекнување нови знаења и вештини. Сепак, образованието не е чин, туку процес кој трае цел живот, рече министерот.

Честитајќи им го матурирањето, рече дека верува во младите и во нивната енергија која допрва треба да ја преточат во конкретни дела во своја и во корист на државата.

-На овој убав настан сакам да испратам и една многу важна порака, за ширење на мир, љубов, толеранција и почит. Сакајте се и почитувајте се меѓу себе. Немојте никогаш да бидете насилни. Почитувајте ги различностите и на нив гледајте како можности за обединување, а не како предизвици, додаде Шаќири.

Организатор за нашата земја е Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“, а покровител на манифестацијата е Град Скопје.

Во изминатите четиринаесет години на матурската парада учествувале матуранти од стотина градови од земјава, Словенија, Италија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Бугарија, Албанија, Украина, Унгарија и Австрија и вкупната бројка на учесници надминува 450 000.

Во последните години составен дел на подготовките и на самата завршна манифестација е заклетвата за ненасилство од страна на учесниците во сите градови во земјите во кои се одржува „Матурската парада”. На тој начин не само што во исто време на иста музика во различни градови танцуваат младите, во исто време ја испраќаат пораката за ненасилство, мир и толеранција. 

Фото: МИА

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Наместо со автомобил, матурант пристигна на коњ на матурската вечер

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Околу 1.000 матуранти од Скопје традиционално одиграа квадрил на плоштадот „Македонија“

Ана Ололовска

„Матурска парада 2019“ на плоштадот „Македонија“

Ана Ололовска

ВИДЕО: Со звуците на Штраус, матурантите традиционално одиграа квадрил

Ана Ололовска

„Матурска парада 2018“ на плоштадот „Македонија“

Ана Ололовска

Матурска парада 2018 – најубавата претстава под отворено небо

Ана Ололовска