Адвокат поднесе тужба против Нетфликс за кршење на законите за медиуми и обид да го „избрише египетскиот идентитет“, а најпознатиот египетски археолог инсистира дека Клеопатра била со „бледа кожа“ и дека не била црнка. Продуцентите пак на оваа серија на Нетфликс велат дека потеклото на Клеопатра е сомнително.
Клеопатра е родена во Александрија во 69 п.н.е. и била последната кралица од династијата основана од Птоломеј, генерал на Александар Македонски.
Таа го наследи нејзиниот татко Птоломеј на престолот и владееше до нејзината смрт. После тоа, Египет потпаднал под римска власт. Идентитетот на мајката на Клеопатра е непознат, а историчарите веруваат дека е можно таа да била домородна Египќанка или од некој дел на Африка.
Клеопатра во серијата на Нетфликс ја игра Адел Џејмс, која е од мешана раса и африканско потекло. Продуцентите велат дека тоа е одраз на „вековната дебата за расата на Клеопатра“.
Џејда Пинкет Смит, американска актерка која е наратор и продуцент на оваа драма, рече: „Не гледаме или слушаме често приказни за црните кралици, и за мене, мојата ќерка и нашата заедница е многу важно да знаеме за таквите приказни“.
Тоа беше осудено во Египет. Захи Хавас, истакнат египтолог и поранешен министер за антиквитети, тврди дека тоа е измислица.
„Тоа е целосна лага. Клеопатра беше Гркиња, тоа значи бела. Нетфликс се обидува да предизвика конфузија со ширење лаги дека потеклото на египетската цивилизација е црно“, рече тој.
Адвокатот Махмуд ал Семари побара државниот обвинител да преземе „неопходни правни мерки“ и да го блокира пристапот до услугите на Нетфликс во Египет. Нетфликс е обвинет за промовирање афроцентризам и бришење на египетскиот идентитет. Актерката Адел Џејмс на Твитер кратко одговори: „Ако не ви се допаѓа поделбата на улогите, не гледајте“.