Мобилниот културен центар КЦ 750 упати повик за собирање приказни до сите фиќољупци и фиќомани, поранешни, сегашни сопственици на фиќо, како и оние кои со фиќото се врзани со некаков спомен.
– Споделете ги со нас вашите приказни, анегдоти и сеќавања, во кои главен протагонист е незаборавната Застава 750. Текстовите можете да ги испраќате на е-адресата: [email protected], a потоа ќе бидат објавени на фејсбук страницата на КЦ 750. Во деновите на изолација и вонредна состојба, кога КЦ 750 не може да дејствува на терен како мобилен културен центар, помогнете му да стане виртуелен музеј/архив на приказни, наведоа од Центарот.
КЦ 750 е мал, мобилен културен центар, заеднички проект на Иван Шопов и Владимир Лукаш. Целта на проектот е развивање и поттикнување нови модели на искористување на јавниот простор, за културни намени. КЦ 750 преку мобилниот концепт се обидува на неконвенционален начин да го надополни недостигот на независни културни простори и точки во Скопје.