Македонскиот бенд „Визија“ синоќа, настапи на балканскиот фестивал „Јелен Демофест“ во Бања Лука и остави одличен впечаток.
Бендот доби позитивни критики од членовите на жирито, меѓу кои беа и познатите Давор Гобац од „Психомодо поп“ и Рамбо Амадеус.
– Бендот е симпатичен и „кул“, а пејачот е појава и толку е убав што и Рамбо кога го виде ми шепна „види го колку е убав, како „слика“ – во свој стил ни изјави Гобац.
Членовите на „Визија“ беа мошне задоволни од својот настап, а и од самата организација на фестивалот, која според нив била совршена.
– Среќни сме што се најдовме на овој извонреден фестивал, на кој настапивме со многу добри бендови од цел регион, а и рамо до рамо со светски познатите „Гуано ејпс“, „Макс Ромео“, Хрватите „Хладно пиво“ и други. Првенствено сме најсреќни што од околу 400 пријавени бендови од цел Балкан бевме избрани меѓу 30-те кои се натпреваруваа – изјавија членовите од „Визија“.
„Визија“ создаваат алтернативен експериментален рок. Ова беше нивниот втор голем фестивалски настап, по настапот на „Зајечарска гитаријада“.
Овие момчиња имаат уметнички гени во себе – пејачот Марко Гапо, студент на Музичка академија е внук на режисерот Бранко Гапо, гитаристот Марко Џамбазоски, студент на Драмски уметности, е син на новинарот и музичар во бендовите „Мизар“ и „Архангел“ Панта Џамбазоски, басистката Лилјана Јанкова, студентка по архитектура, е ќерка на Петар Јанков, басист од „ Архангел“, а тапанарот Синиша Ѓоргевиќ е исто студент на Музичка академија.
Фестивалот „Јелен фест“ трае три дена, од 17 до 19 јули, на тврдината Кастел. Во двете полуфинални вечери се натпреваруваат по 15 бендови, а во финалето ќе влезат најдобрите десет и ќе се борат за награди од 5.000, 3.000, 2.000, евра и музички инструменти.
Како дел во ревијалната програма на одличниот бањалучки „Јелен Демофест„ се “ Гуано ејпс“, „Макс Ромео“, „Хладно пиво“, „Бренд њу хевис“ и други. Има и други придружни програми, и арт стрип изложби, предавања и панел дискусии.
Оваа година средствата од фестивалот ќе бидат наменети за настраданите од поплавите.
Изминативе години на „Јелен Демофест“ се најдоа и Кирил Џајковски, „Супер хикс“ и други македонски музичари, а Влатко Стефановски беше во жири во 2012 година.