По настапот со Македонската филхармонија во август на Античкиот театар во Охрид, диџејот Дерик Меј, еден од пионерите на детроитската техно-сцена, во сабота ќе настапи во Гент, Белгија, на концерт што ќе го диригира македонскиот музичар Џијан Емин. Овојпат концертот е со Фламанскиот симфониски оркестар во црквата Света Ана, во рамки на 12-тиот фестивал „ОдеГанд“, соопшти продукцијата „Излет мјузик“.
– Поканата за гостување во Гент за мене беше пријатно изненадување од повеќе причини. „ОдеГанд“ е фестивал кој претставува различни жанрови на музика од џез до техно и нивни различни конбинации. Минатата година настапи Јеф Милс со неговиот проект „Блу Потеншл“ кој првпат се организираше во 2006 во Монпелје, Франција. Наедно тој концерт беше и мојата првична инспирација за организирање ваков тип настани. Особено ми е драго што ќе настапиме со нашиот проект на истото место. Св. Ана е катедралата, каде ќе настапат Дерик Меј и Фламанскиот симфониски оркестар под диригентство на Емин Џијан. Посебно задоволство ми е што специјален гостин на овој концерт ќе биде светски реномираниот пијанист Франческо Тристано, кој има настапувано заедно со Карл Крег и Лес Сиенклес Оркестра, исто така Франција. Очекувам уште едно незаборавно и неповторливо доживување, изјави продуцентот Огнен Узуновски.
Џијан, пак, не очекувал толку брзо по концертот во Охрид да имаат можност да настапуваат со друг оркестар. Пријатно е изненаден од поканата што ја добиле од фестивалот.
– Концертот во Белгија во однос на програмата нема многу да се разликува од концертот во Охрид летово. Има мали промени во оркестрацијата, кои само ќе го збогатат веќе формираниот звук, кој го слушнавме во Охрид. Комуникацијата со луѓето од фестивалот и Фламанскиот симфониски оркестар се одвива досега беспрекорно. Поради комплексноста на целиот проект сите поголеми технички задачи се однапред решени со цел да ни остане време максимално да се посветиме на уметничкиот дел. Со оркестарот ќе имаме три проби од кои две ќе бидат во Бруж и една во катедралата Св. Ана во Гент, каде што и ќе се одржи концертот, изјави Џијан.
Оркестарот со кој ќе диригира Џијан има традиција повеќе од 50 години. Шеф-диригент е Јан Латхам – Коениг, кој има диригирано со многу светски оркестри како Токио метрополитан оркестра, со филхармонијата на Лос Анџелес, филхармонискиот оркестар на Радио Франција, а диригирал во Ковент гарден, во Националната опера во Прага и работи како музички директор на Новата опера во Москва.
Покрај Узуновски и Џијан, во македонската екипа се и тон-мајсторот Бојан Угриновски, Маријана Николовска на челеста и Кристијан Каровски на пијано.
Фестивалската програма опфаќа од фламенко и џез, до класична и музика на светот, во изведба на национални и интернационални таленти. Замислено е изведбите да бидат на различни оригинални локации во градот Гент. На овој фестивал досега имаат настапувано познати солисти и врвни светски оркестри, како Берлинската филхармонија, Концертгебау симфонискиот оркестар од Амстердам.