Сурферот кој исчезна вчера на плажа во Јужна Австралија, се верува дека загинал во напад на ајкула, соопштија денеска властите, откако беа пребарани водите каде што исчезна човекот.
Сурферот (28) исчезна од популарна плажа за сурфање, тој беше токму на местото каде што беше убиен друг човек од голема бела ајкула во 2023 година, објави Асошиејтед прес (АП).
Сведок кој го видел нападот на ајкулата во четвртокот вечерта на плажата Гранитс, во близина на крајбрежниот град Стрики Беј, отишол во морето на џет ски и ја извадил даската за сурфање на исчезнатиот човек, изјави за австралиската телевизија ABC (ABC) полицајката Ребека Стоукс.
„Но, едноставно немаше трага од младиот човек. Според описот на сведокот, ние сме прилично сигурни дека, за жал, тој бил убиен од ајкула“, изјави Стоукс за ТВ ABC.
Таа рече дека е познато дека ајкулите ја посетуваат таа плажа, но не прецизираше за каква ајкула станува збор.
Персонал од итната помош и доброволци денеска го пребараа морето на местото каде што исчезна сурферот, а плажата беше затворена за јавноста.
Според австралиската база на податоци за инциденти на ајкули, имало 255 фатални каснувања од ајкула во земјата од 1971 година.
Во изминатите пет години, во државата Јужна Австралија се регистрирани повеќе вакви напади од вообичаено, а во 2023 година имало пет напади од ајкула на плажа, од кои три биле фатални.