„Грдото пајче“ премиерно во Театарот за деца и младинци

Од:

Премиерата на претставата „Грдото пајче“ од Ханс Кристијан Андерсен во режија и драматизација на Деан Дамјановски утревечер во 19 часот ќе биде изведена во Театарот за деца и младинци – Скопје.

Директорот на Театарот за деца и младинци – Скопје Драган Довлев на денешната прес-конференција рече дека идејата за да се постави оваа претстава е на Деан Дамјановски.

– „Грдото пајче“ кај нас досега не било поставено, а е примамливо како наслов. Се работи за класична детска бајка, со визуелен ефект, која ќе може лесно да се следи,  рече Довлев.

Тој изрази надеж дека децата ќе бидат задоволни и оти со  „Грдото пајче“ ќе настапуваат на многу фестивали.

Дамјановски информира дека „Грдото пајче“ е на ниво на претставите на Театарот за деца и младинци – Скопје.

– „Грдото пајче“ се гледа во еден здив. Во претставата доаѓаат до израз актерската игра, визуелните ефекти, музиката и танцот. На сцената ќе се видат и ликови кои ги нема во оригиналната верзија, рече Дамјановски и додаде оти се работи за еден тип на басна бидејќи животните зборуваат.

Во претставата учествуваат Емран Куртишова, Марија Ѓорѓијовска, Изабела Новотни, Бојан Кирковски, Мартин Јорданоски, Татјана Павловска Кочовска, Мики Анчевски и Предраг Павловски. Костимографијата е на Елена Дончева, а сценографијата на Кирил Василев. Музиката е на Љупчо Мирковски, а кореографијата на Сања Шутевска. Костимите ги изработиле Љубица Велкова, Ирена Танчева и Зејнеп Адиловска.

На сцената на Театарот за деца и младинци – Скопје досега се изведени повеќе дела од Андерсен, „Снежната кралица“, Девојчето со кибритчиња“ и „Малата сирена“.

Би можело да ве интересира

Четворица обвинети за изградбата на театарот и библиотеката во Тетово

Горан Наумовски

Театрите и Филхармонија со зголемен број претстави/концерти и посетители во 2023/2024

А1он

Шест години постоење на „Театар Провокација“

А1он

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“