Кристијано Роналдо и Георгина Родригез пред неколку дена тајно се венчаа во Португалија, а сега за магазинот „Vogue“ ги открија деталите од интимната церемонија и ги објавија првите фотографии од венчавката.
Двојката избрала симболичен датум – 11 август, точно десет години по нивната прва средба во продавница на „Gucci“ во Мадрид.
Посебно значење за Роналдо има бројот седум. Само пет дена пред венчавката, парот открил дека се вселил во својот нов дом во Кашкаиш, чија изградба траела седум години. Во куќата се вселиле во јули, седмиот месец од годината.
„Совршено е. Сите тие седумки се знаци“, изјави Георгина.
Иако со недели се шпекулираше за голема венчавка со бројни познати гости, Роналдо и Георгина се одлучиле за целосно интимна церемонија во дневната соба на нивниот нов дом.
„Неверојатно е што сè можете да слушнете“, се пошегува Георгина, објаснувајќи дека зад одлуката стоела „луда година“ исполнета со деловни обврски, натпревари и грижа за децата.
„Во иднина ќе имаме голема венчавка за да можеме да славиме со семејството и пријателите“, рекла таа.
Георгина откри дека како девојче сонувала за голем замок, кочија, долга венчаница и круна со дијаманти, но денес повеќе ја цени интимноста.
„Замоците, куќите, островите, коњите, автомобилите – сето тоа го имаме секој ден. Но нешто интимно е многу поневообичаено за нас“, рекла таа.
Токму затоа сакале венчавката да се одржи во дневната соба, каде што секојдневно јадат и го поминуваат времето со семејството.
„За 30 години сакам децата да помислат: ‘Нешто прекрасно се случи на оваа маса – брачните завети на нашите родители’“, објасни Георгина.
Иако церемонијата била скромна и интимна, Георгина не се откажала од луксузот.
Покрај вереничкиот прстен со голем овален дијамант, таа носела и ѓердан од колекцијата „Garden of Kalahari“ на „Chopard“, со 50-каратен дијамант во центарот.
Изборот на облека бил симболичен бидејќи токму во продавница на „Gucci“ во Мадрид започнала нивната љубовна приказна. И двајцата носеле креации на италијанскиот бренд.
Георгина избрала свилено одело со здолниште и соодветни сатенски чевли, додека Роналдо носел светлобеж памучно одело по мерка. И нивните деца биле облечени во „Gucci“.
„Беше неверојатно посебно да ги облечеме Георгина и Кристијано за овој момент, знаејќи дека нивната љубовна приказна започна во продавница на ‘Gucci’ во Мадрид“, изјавил креативниот директор на брендот, Демна.
Роналдо и Георгина се присетија и на нивната прва средба во август 2016 година.
Кристијано тогаш имше 31 година и беше на врвот на својата фудбалска кариера. Во продавницата на „Gucci“ влегол со својот тогаш шестгодишен син Кристијано Јуниор.
Георгина, која имала 22 години, работела како продавачка и тој ден ја заменувала колешката.
„Тоа е судбина“, вели таа.
„Стоев со грб кон неа, а потоа се свртев и ја видов. Ни се сретнаа погледите и од тој момент тоа беше…“, раскажува Роналдо.
„Знам дека таа е љубовта на мојот живот“, вели Роналдо, додавајќи низ насмевка дека веројатно и Георгина мисли дека тој е љубовта на нејзиниот живот.
Роналдо и Георгина заедно го одгледуваат големото семејство. Роналдо има син Кристијано Јуниор, а заедно ги добија близнаците Ева и Матео и ќерката Алана.
Во 2022 година тие добија уште еден пар близнаци, но нивниот син Анхел почина при раѓањето. Преживеа нивната ќерка Бела.
„Децата знаат дека нашето време им припаѓа ним“, рекла Георгина, додавајќи дека тие биле „протагонисти“ на венчавката, исто како што се и во нивното секојдневие.
Фотографиите ги направил познатиот фотограф Јирген Телер.
„Неговите фотографии се уметност. Не сакав типичен, здодевен семеен албум. Сакав уметнички албум кој ќе трае засекогаш“, рекла Георгина.
По церемонијата, парот отпатувал до светилиштето „Госпа од Фатима“, каде што добиле приватен благослов. Токму фотографија од нив во светилиштето се најде и на насловната страница на „Vogue“.
Меден месец немало бидејќи Роналдо морал да се врати во Ријад, каде што настапува за саудискиот клуб „Ал Наср“. Новата сезона за него почна на 15 август.
