Вчеравечер заврши 6. Гурмански викенд со пиво „Пиволенд 2013“, што изминативе шест дена, во организација на Здружението на граѓани ПИВОЛЕНД-Скопје, а под покровителство на Град Скопје, се одржуваше на старата локација -скопското Кале. Вчеравечер, на последната фестивалска вечер присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.
Пред многубројната публика и вчера настапија неколку македонски бендови и артисти. Вечерта почна со настапот на ДЈ Тања, Фајтинг Виндмилс, Шутка рома рап и Пука козметика, Паркети, Ареа и ДЈ Тина. Во изминативе шест дена во изборот од над 30 видови пиво, од домашни и странски производители и македонска традиционална храна од десет различни ресторани, уживаа околу 110 илјади посетители.
Годинава фестивалот имаше четири стејџа со различен тип музика, и тоа: главниот стејџ, ДЈ стејџот и кавер бенд стејџот, а посетителите имаа можност да се забавуваат со уште едно музичко освежување на четвртиот стејџ, за кое се погрижија момците од радио МОФ. На оваа сцена предност им беше дадена на младите, алтернативни музичари и ДЈи од Македонија, а музичкиот спектар се движеше од дапстеп, драменбејс, прогресив и дач хаус, хип хоп, инди рок, реге, па дури и до традиционална ирска музика.
Пиволенд 2013 беше фокусиран на целосна промоција на македонската култура, па така во овие шест фестивалски денови љубителите на пиво што беа на Кале можеа да ги проследат настапите на најголемите домашни ѕвезди како: Тамара Тодевска, ДНК, Тони Китановски и Васил Хаџиманов, Нокаут, Визија, најдобрите македонските ДЈи: Гоце (саф), Славе, Мирко Попов, Ајсберг, Роботек , Лефанк, Гејм овер и Чваре, како и најдобрите наши кавер изведувачи меѓу кои: Бени нон стоп, Ај Кју, Пеперминт Босса нова, Лабаво Лавабо и многу други. Посетителите можеа да уживаат во настапите на регионалните ѕвезди: Електрични оргазам, Едо Маајка, Постолар Трипер и Викеда.
Влезот на фестивалот, како и секоја година, така и оваа, беше бесплатен за сите посетители, а веќе неколку години по ред, традиционално во рамки на фестивалот функционираше и катче каде што луѓето можат да се забавуваат играјќи повеќе маалски игри како: табла, шах, тексас холдем покер, пиво понг, не лути се човече, фудбалчиња и др.