Под мотото „Скопје се смее“ денеска пред „Порта Македонија“ се одржува манифестацијата „Априлијада 2015“ во организација на Детскиот културен центар „Карпош“ и Град Скопје.
На забавата има принцези, самовили, шеици, бетмени, супермени…, како и настапи на децата од Златно славејче и танцови групи од повеќе основни училишта од Скопје.
На манифестацијата присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.
– Први април е денот кога е дозволено децата, учениците, студентите и граѓаните на Скопје, да се препуштат на својата фантазија и креативност, маскирајќи се во принцези и принцови, кралици и кралеви, во омилените ликови од цртаните филмови и стрипови, во бетмени, спајдермени, кловнов, самовили… Преку шаренилото на бои, фигури и маски, со различни мотиви и теми, збогатено е скопското секојдневие преку маскембалската магија, заедно со звуците на музиката, играта и забавата, истакна Трајановски.
Тој информира дека до доцните вечерни часови, граѓаните од сите возрасти, на плоштадот „Пела“, ќе имаат можност да се забавуваат, дружат и да се шегуваат.
Ноќната забава ќе почне вечер во 21 часот, а присутните ќе се забавуваат со: Коста Костовски, Кристина Арнаудова, Јоце Панов, Александар Тарабунов, Бетиме Зејали, Биљана Дабеска, групата Тхе ноисе макерс и Диџеј Бабура.
Денот на шегата беше одбележан и во општина Кисела Вода, каде маскирани дечиња пееја, играа и се дружеа во паркот Шопен.