Во последната година Египет се бореше повторно да ги врати туристите кои оваа дестинација веќе не ја сметаа за безбедна. Сепак, сега прибегнаа кон нова стратегија.
Во Египет во моментов се работи врз обновата на објектите на славното плато Гиза, вклучувајќи ги и пирамидите и Големата сфинга, а работите треба да бидат завршени во септември.
Проектот вреден 35 милиони долари беше почнат во 2009 година и подразбира нови контролни соби, изградба на центар за посетители и проширување на паркингот.
Корпите за отпадоци се ставени ширум Гиза, а продавачите на сувенири се преместени во означените области, за да не им пречат на посетителите.
Некои споменици бараат целосна обнова, додека некои мораат да се преправат по неадекватната реставрација спроведена пред воведувањето на законот за заштита на антиквитети.
Покрај тоа, знаците на англиски и арапски јазик ќе ги предупредуваат посетителите да не се качуваат на пирамидите и другите споменици, откако во јануари еден германски тинејџер направи серија спектакуларни фотографии од врвот на пирамида и на тој начин го привлече вниманието на светската јавност.
Бидејќи качувањето по изронетиот камен, од што пирамидите се изградени, предизвикува непоправлива штета, властите се закануваат со тригодишни затворски казни за оние кои ќе ја игнорираат забраната.