Пејачката Дуа Липа конечно ја потврди својата свршувачка со актерот Калум Тарнер по месеци гласини и шпекулации. Во интервју за британскиот Вог, музичарката, која ќе наполни 30 години во август, јавно проговори за првпат за големата пресвртница во нејзиниот живот.
„Да, се свршивме. Многу е возбудливо“, рече таа.
„Одлуката да остариме заедно, да го споделиме животот и, не знам, да бидеме најдобри пријатели засекогаш, тоа е навистина посебно чувство“, додаде таа.
На крајот од минатата година се појавија гласини за романтично запросување, а оттогаш често можеше да ја видите со блескав дијамантски прстен на раката. Иако во моментов не размислува интензивно за свадбата поради концертната турнеја, таа признава дека нејзините мисли се вртат кон фустанот сè почесто.
„Сакам да ја завршам турнејата, Калум снима, па засега уживаме во овој период. Никогаш не сум била личност која сонува за свадба или замислува каква невеста ќе бидам. И одеднаш си мислиш: „Хмм, што би облекол?“
Дуа и Калум почнаа да се забавуваат во јануари 2024 година, а според медиумите, се свршиле за време на божиќните празници истата година. Се сретнале неколку пати случајно, и се запознале во лондонскиот ресторан „Ривер Кафе“.
Една година подоцна, повторно се сретнале на вечера во Лос Анџелес, каде што таа била со нејзиниот пријател Мустафа.
„Одеднаш се појави Калум и си помислив: „Тоа е згодниот човек од „Ривер Кафе“.“ Преку разговор, откриле дека двајцата го читале истиот роман во тоа време – „Довербата“ од Хернан Дијаз.
Дуа призна дека сака еден ден да има семејство, но сè уште не е сигурна како би го вклопила тоа во својот хаотичен распоред.
„Би сакала еден ден да имам деца. Но, секогаш постои прашањето – кога би било вистинското време? Како би функционирало тоа со мојата работа, турнеите и колку долго би имала време да направам пауза?“
„Ги сакам децата, но да се биде родител е повеќе од само љубов кон децата. Тоа е доживотна обврска“, додаде таа.