Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, денеска свечено им ги врачи признанијата на годинашните добитници на наградите од манифестација „Новогодишни бои на Скопје 2015“.
Наградата за најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа ја доби Матеа Трпеска од населбата Водно, најубаво украсена тераса има Филип Нечевски од населбата Аеродром, најубаво украсен угостителски објект е кафулето „ ГЕТ КАФЕ “ во Кисела Вода, а најубаво украсен училишен двор има СУГС „Браќа Миладиновци“.
На наградените во првите три категории Градот Скопје ќе им додели по 10.000 денари, а ЕВН Македонија наградените во сите категории еднократно ќе ги ослободи од плаќање на сметката за потрошена електрична енергија за декември 2015 година.
– Во пресрет на Новогодишните и Божикните празници Градот Скопје и годинава, традиционално, ја организира познатата манифестација „Новогодишните бои на Скопје“ – манифестација со која ги поттикнуваме нашите сограѓани да ги украсат своите домови и работни простории со новогодишни декорации, да придонесат за разубавување на градот и да го дополнат празничниот амбиент, истакна градоначалникот Трајановски.
За да се обезбеди максимална транспарентност, нагласи, изборот за најубаво новогодишно украсени објекти во градот го направи жири-комисија составена од претставници на медиумите.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски упати благодарност до ЕВН Македонија за повеќегодишната поддршка и учество во оваа градска манифестација и да им додели благодарница.
Игор Гиевски, од Бордот на директори на ЕВН, истакна дека неговата компанија веќе пет години учествува и ја поддржува манифестацијата „Новогодишни бои на Скопје и најави дека и во иднина ќе бидат партнери на Градот во организирање на оваа манифестација.