Штип, или како што многумина го нарекуваат „македонскиот Мичиген“, поради експанзијата на текстилната индустрија, во наредните три дена ќе биде центар на модните случувања.
Манифестацијата „Денови на модата“, која за првпат годинава ја организира Општина Штип, има цел да го етаблира Штип како град на модата.
Официјалниот дел од манифестација ќе започне на градскиот плоштад во Штип, каде што посетителите ќе можат да ги погледнат двете ревии именувани како „Бејзик“ и „Гламур“, на кои ќе бидат преставени најновите креации на модните брендови што помогнаа оваа манифестација да стане реалност.
Во текот на вториот и на третиот ден посетителите ќе имаат можност да посетат дел од модните конфекции во Штип, каде што ќе можат да набават производи по намалени цели. За оваа цел организаторите обезбедија и бесплатен автобуски превоз, а улогата на туристички водичи ќе ја имаат манекенките од две познати модни студија.
Во „Денови на модата Штип 2013“ вклучени се осум конфекции и една фабрика за чевли. Влезот на сите ревии е слободен и отворен за сите граѓани.
Организатор на манифестацијата е Општина Штип, од каде што се надеваат дека оваа манифестација во иднина ќе стане традиција и белег на Штип и ќе се одржува двапати годишно со цел да се промовираат новите колекции на штипските модни брендови.
М.Р.