Секој четврти четврток во ноември во САД се одбележува државниот празник Ден на благодарноста (Thanksgiving Day). Тој е еден од најзначајните празници во земјата и означува почеток на зимата, а заедно со неа и на сезоната на божиќните и новогодишни празнувања, кои, за жал, поради пандемијата на коронавирус, годинава се ограничени.
Денот на благодарноста првпат бил одбележан во 1621 година од англиските колонисти од Плуматската колонија во Масачусетс. Колонистите овде, на полуострово Кејп код, пристигнале за првпат во 1620 година. Првата зима во Новиот свет била многу тешка, владеела општа глад, а и следната не ветувала ништо подобро.
Откако каквата таква жетва завршила во октомври 1621 година, а и меѓу колонистите и домордните Американци бил склучен сојуз, гувернерот Вилијам Бредфорд и двајца негови приврзаници одлучиле да организираат Ден на благодарноста, прв во историјата. Гозбата траела три дена, и според кажувањата на еден учесник, сепаратистот Едвард Винслоу, на неа, покрај 53 новодојденци, учествувале и 90 американски домородци, кои и помогнале на колонијата да преживее во тие тешки и сурови месеци.
Според некои кажувања, на гозбата, колонистите и домородците испекле и заедно изеле четири мисирки уловени во блиската шума. Оттогаш, мисирката станува синоним за празникот, а одгледувачите на пилешко месо ги товат овие птици специјално за овој ден.
Денот на благодарноста станува национален празник со указ на првиот претседател на САД, Џорџ Вашингтон, во 1789 година. Предлогот бил да се одбележува на секој 26 ноември. По крајот на Граѓанската војна во 1864 година, Абрахам Линколн го прогласува секој последен четврток во ноември за Ден на благодарноста, а во 1941 година Конгресот на САД и фицијално ја усвојува оваа дата за славење на денот.
Пуританците во САД внеле во овој празник длабока религиозна смисла – тие во него гледаат начин како да се заблагодарат на Севишниот за неговата милосто и добрина. Со текот на времето, во пресрет и за време на овој празник, се применуваат низа традиции кои се свети за Американците и обврзно се практикуваат.
Сите членови на семејството задолжително одат на црква, а по мисата поширокото семејство и пријатели се собираат на празнична трпеза. Во прсрет на Денот на благодарноста Американците ја покажуваат својата милост кон послабите или кон оние на кои не им тргнало во животот. Поединци и групи, мали и големи фирми, организираат добротворни акции за раздавање пакети храна, мисирки или облека.
На пример, на некои од станците во метрото во Њујорк се поставени маси за донации, во пари или прехранбени намирници.
Покрај благотворноста, вториот најзначаен атрибут на овој празник е мисирката, печена на тивок оган со часови, при што се полева со растопен путер. А третиот атрибут – се парадите, најчесто во костими на колонистте од 17 век или во свечените носии на американските Индијанци. за жал парадите низ САД годинава се откажани поради пандемијата на коронавирусот – а домашите веселби се препорачува да се прават во најтесниот круг на семејството.