Јас сум најсреќниот човек во светот. Во брак сум 57 години со најубавата жена во светот. Ја пропатував планетава, стоев на врвот од светот, снимив преку 400 емисии и проживеав еден од најчудесните животи, вели Дејвид Белами во интервју за британски Дејли меил.
Иако минатата недела наполни 80 години, Белами чии ТВ-емисии одбележаа детство на бројни генерации, е полн со живот, полн со оптимизам. Има пет деца и девет внуци – „сите со различни бои“.
Радосно зборува за бројни теми, од Бог (Важно е да имате нешто за што ќе се закачите), љубовта за балетот (напишал балет кој е изведуван шест пати), за брадата (никогаш не ја избричил) и омилените Спидо гаќи за капење.
Меѓутоа, насмевката од лицето исчезнува кога ќе се споменат климатските промени и судирот во 2004 година, кога спротиставувајќи се на научна конвенција и јавно мислење, го отфрлил глобалното затоплување нарекувајќи го „бесмислено“.
– Од тој момент бев непожелен во Би-Би-Си. Ме заледија бидејќи не верував во глобалното затоплување. Мојата кариера пресуши. Ме исфрлија од групата за природна средина и плукаа по Лондон. Најлошо од се, што добив писмо во кое пишуваше – Дејвид белами е педофил бидејќи не верува во глобалното затоплување и ги убива нашите деца.
– Се е тоа глупост. Изминатите 16 години температурите се во опаѓање, јаглерод диоксид зголемен, посевите се се позелени и побрзо растат. Многу од тоа направи човекот да ја уништи планетата, но човекот не предизвикува глобално затоплување, вели тој.
На врвот од кариерата во 80-те и 90-те години од минатиот век, Дејвид стасуваше секаде – од џунглите до гранките на палмите и изговараше убави монолизи пропратени со гестикулирање на немирните раце, објави Дејли меил.
– Никогаш немав сценарио. Немав тим кој шест месеци ќе седи на дрво за да сними инсерти. Само зборував без престанување, беше многу убаво, вели Белами.
Педесетиот роденден го прославил во затвор во Тасманија бидејќи ја блокирал реката Френклин во знак на протест против изградба на брана.
Во 1996 година зборував јавно против фармите на ветерници (бидејќи не функционираат) и вели дека тоа бил почетокот на неговиот крај.
– Од тогаш веќе не сум добредојден во Би-Би-Си, вели тој.
Се кулминирало во 2004 година со коментарите за затоплувањрто на Земјата. Конечниот удар го добил кога бил сменет од функцијата претседател на Кралското друшство за диви животни.
– Работев со нив 52 години. Кога ме сменија, немаа образ да ми го кажат тоа во лице туку дознав од весници. И понатаму тврдам дека целата таа приказна за затоплувањето е будалаштина. И не сум сам во тоа. Но, не жалам за ништо. Кога бев во Би-Би-Си можев да кажам се што сакав. Денес тоа веќе не е можно. Светот отиде по ѓаволите, наведува Дејвид Белами.