Дедо Мраз – Радост, верба, надеж и среќа

Од:

Откако часовникот ќе го означи крајот на годината што ја оставаме зад нас, по полноќ, нечујно нежно ќе затропаат ѕвонците од санката што ја влечат ирваси и ќе остават ѕвездена трага на небото – доаѓа Дедо Мраз. Децата ќе срипаат, ќе ги протријат сонливите очи и ќе се стрчаат кон накитената елка под која љубопитно ќе ги бараат подароците кои тој им ги оставил. Во тој миг радоста и среќата на нивните ликови станува најголемиот благослов за годината што следи.

Култот на добродушниот старец

Денес мега популарниот лик на добродушен весел старец со заоблени пропорции, црвени образи и бела брада, облечен во црвен костим со бели делови и црн колан и огромна вреќа со играчки и слатки преку неговото рамо, е всушност измислен лик кој на децата низ светот им носи подароци. На едни, на Божик, на Бадник или на денот на Свети Никола (6 декември) во западните култури, а на другите, на Нова година, во источноевропските држави.

Меѓу различните култури, религии и народи, различни се и верзиите за него и за неговото име. Познат е како Санта Клаус, Свети Николај, Крис Клингл, Папа Ноел, Вејхито Паскуеро, Колачо, Синтерклаас, Свјати Николај, Ноел Баба, Фадр Крисмас, Пер Ноел… Сепак, се смета дека потеклото на ликот на Дедо Мраз е од старите религии на германските и словенските народи. Поточно, со христијанизирањето на овие народи, нивните верувања се комбинирани со ликот на христијанскиот епископ Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски кој се слави низ целиот свет еднакво како од православните, така и од другите христијани, а почитуван е и од муслиманите. Николај Чудотворец е милостив, вистинољубив и праведен, уште за време на животот луѓето го сметле за светител и го повикувале на помош во маки и неволји. Бил познат по дарежливоста, на сиромашните им носел подароци. Многу пати им помагал и на давениците, на затворениците и ги избавувал од неволји морепловците. Со своите дела се смета и за заштитник на децата.

Преданието вели дека Св. Никола воскреснал три дечиња кои локалниот месар ги заклал за време на глад, па затоа се слави и како заштитник на децата. Но, сепак, Никола е најпознат по давањето мираз на три осиромашени ќерки на некој побожен христијанин за да не станат робинки и да бидат препродавани и искористувани. Св. Никола низ пенџерето им фрлил вреќа со златници. Низ вековите приказната се менувала, така што една од верзиите свети Никола вреќата со златници ја фрлил низ оџакот, а директно паднале во чорапите кои што се сушеле врз огништето.

Дедо Мраз е дело на Томас Наст

Во повеќе христијански земји, а особено во Европа се прави разлика помеѓу Св. Никола и ликот на Дедо Мраз. Но, без разлика, едно е заедничко – Дедо Мраз е најпопуларен меѓу разните митски фигури кои биле задолжени за дарување подароци за Нова Година, а Св. Никола е човек кој постоел.

Кај Словените, ликот на Дедо Мраз порано бил лош волшебник кој многу сака да ги замрзнува луѓето. На почетокот ги крадел децата од родителите и ги носел на грб пикнати во голема вреќа. За да ги откупат родителите морале да му даваат подароци. Со текот на времето приказната се завртила наопаку, под влијание на христијанството, ликот на Дедо Мраз се изменил заедно со неговиот карактер. Тој станал љубезен и добронамерен и почнал да им дава подароци на децата.

Од 19 век легендите и карактеристиките на ликот на Дедо Мраз биле обликувани преку книжевни влијанија. Дедо Мраз заедно со неговата внука Снегурочка бил преобразен од лош волшебник во она што е денеска. Најголемо влијание за ова има бајката „Снегурочка“ од рускиот писател Александар Островски, заедно со истоимената опера на Николај Римски – Корсаков. Па може слободно да се каже дека Дедо Мраз претставува источноевропска варијанта, а изворно е лик од оваа руска бајка.

Преобразбата на Св. Никола во комерцијалниот лик на Дедо Мраз прво е резултат на протестанските реформи кои започнале во Америка. Американската верзија на Дедо Мраз настанала во Нов Амстердам, денешен Њујорк според холандската верзија на христијанскиот светец под името Синтерклаас. Во текот на 19 век американските новинари ја популаризирале изменетата верзиија на Свети Никола кој станал весел дебел дедо кој живее на Северниот пол и патувајќи со своите санки им носи подароци на добрите деца.

Денешниот препознатлив лик на Дедо Мраз е дело на Томас Наст кој го илустрирал 1881 година според описот на една детска песна од 1823 година.

Непожелна личност

Низ годините, Дедо Мраз доживеал да биде и протеран. Тоа се случило во негогашната СССР во периодот од 1929 до 1936 година кога со закон се забранети и Дедо Мраз и китењето на елка за време на Божикните празнувања. Тогаш Божик бил прогласен за обичен работен ден, а специјални патроли оделе по улиците и се загледувале по пенџерињата да видат дали на нив има празнични обележја. Дедо Мраз бил рехабилитиран во 1936 година и можел да носи подароци само за Нова Година, но не и за Божик. Еден висок функционер од Президиумот на тогашниот СССР во статија објавена во весникот „Правда“ предложил децата, сепак, да китат елка и да го чекаат доаѓањето на Дедо Мраз на Нова Година, односно на 1 јануари. Во времето на Сталин морал дури и да си ја смени традиционалната облека, морал да носи сина наместо црвена, за да не се споредува со бојата на комунистичка Русија. И односот на Руската православна црква кон Дедо Мраз бил во склад со политиката. Уште во почетокот на 20 век го сметала за персонификација на природните сили, на мраз и студ, бил волшебник и бил спротивен на христијанското учење. Од друга страна, Дедо Мраз станал повеќе културна отколку религиозна традиција, поврзана со традицијата на западната култура.

Нешто слично се случило и во поранешна Југославија, во чиј состав беше и Македонија. Од 1945 година се водела политика на минимизирање на значењето и празнувањето на религиозните празници, па од тогаш Дедо Мраз и кај нас носи подароци за Нова Година.

Чиј жител е Дедо Мраз

Нема дете кое не знае дека Дедо Мраз живее во финскиот дел на Лапонија, со неговата жена Баба Мразица. Лапонија уште се нарекува и „Земја на илјада легенди“, а во 1979 година официјално е прогласена за земја на Дедо Мраз. Изборот не е случаен. Имено, според една од многуте легенди за него, се вели дека Дедо Мраз живее на Северниот Пол, каде што има фабрика за играчки, многу магични помошници и ирваси кои летаат. Според некои легенди дури има и цели села со работилници околу неговата куќа. И ништо немаше да е спорно ако ирвасите кои во приказните за него се главните кои ги влечат преполните санки со играчки и слатки за добрите деца, го населува поларниот круг. Така е избрана Лапонија како најсеверната покраина на планетата Земја каде што има ирваси.

Но, и покрај ова, секоја нордиска земја и натаму тврди дека домот на Дедо Мраз се наоѓа во границите на нејзината територија. За Норвешка Дедо Мраз живее во местото Дробак, а Данците се сигурни дека неговиот дом е на Гренланд во близина на островот Уманак каде што постои традиционална гренландска куќа која за децата од Данска е неговиот дворец каде му ги праќаат и писмата. Во Финска, со генерации се пренесува дека планината Корватунтур е домот на Дедо Мраз. Во Русија, пак, официјалниот дом на Дедо Мраз се наоѓа во градот Голем Устјуг. Во желбата Дедо Мраз да е нивен жител, не заостанува ниту северноамериканската традиција. Според неа тој живее на Северниот пол, во куќа со поштенски број Хох Охо, а која според Поштата на Канада се наоѓа во внатрешноста на територијата што е во нејзина надлежност. Исто така, на Аљаска постои градот Норт Пол во кој се наоѓа туристичка атракција позната како „Куќата на Дедо Мраз“. Поштенскиот код на градот – 99705, Поштенската служба на САД го користи како свој промотивен поштенски број за Дедо Мраз.

Писма полни со надежи

Всушност, пишувањето писма до Дедо Мраз е долгогодишен обичај кај децата ширум светот. Содржински, тие се список на желби за подарок и потврди за нивното добро однесување во изминатата година.

Истражувањата направени на тема „Писма за Дедо Мраз“ покажуваат дека писмото за Дедо Мраз е првото детско искуство во допишувањето и треба да се поттикнува за стекнување културни комуникациски навики. Оттука, многу национални поштенски компании им дозволуваат на децата да испраќаат писма за Дедо Мраз, а на нив одговараат задолжени работници од поштата или волонтери на хуманитарни организации. Нивните сознанија се многу интересни. Девојчињата пишуваат подолги, поемотивни и културни писма и често посакуваат подароци за оние кои ги сакаат, за разлика од момчињата чии писма се куси и конкретни и речиси редовно со исполнувања само на сопствените желби. Највредни пишувачи се децата од Јапонија, Полска и од Англија.

Според Светската поштенска организација, Поштенската служба на САД има најстара традиција за организирано одговарање на писмата пратени до Дедо Мраз. Таа пракса почнала во 1912 година, а во 1940 година се нарекува „Операција Дедо Мраз“. Целта била писмата да стасаат до хуманистарните организации, до големите компании, до локалните продавници и донатори со цел да се исполнат што повеќе детски соништа.

Сознанијата на Светскиот поштенски сојуз се дека од 123 земји најмногу писма на Дедо Мраз му испраќаат децата од Франција, дури над еден милион писма, како и од Русија. Според една статистика направена пред неколку години, националните поштенски оператори одговориле на писмата пратени до Дедо Мраз, во Германија на половина милион, на 6.000 во Австрија, на 500 во Бугарија, во Канада на над еден милион, во Англија и Финска на 750 илјади, во Шпанија на над 230 илјади, во Нов Зеланд на над 100 илјади, потоа во Словачка над 85 илјади, во Шведска 150 илјади, во Полска 3.000…

Само во Канада, на пример, од 1982 година над 13 илјади поштенски работници доброволно пишуваат одговори на писмата на децата испратени на адресата на Дедо Мраз:Северен Пол, Канада. Освен на одговори испратени по пошта, забележан е огромен број на одговори по електронски пат како и на Брајовата азбука за слепите деца. И уште еден куриозитет: низ годините, Дедо Мразот од Финска добил на 8 милиони писма, а секоја година добива околу 600 илјади писма од децата од 198 различни земји.

Има ли подобар доказ за важноста што ја има Дедо Мраз во светот на децата? Затоа да ги оставиме да посакуваат, да сонуваат, да веруваат во празничната магија и да исчекуваат! Та детството толку брзо поминува.

Би можело да ве интересира

Нови Сад: Прославата на новогодишната ноќ е откажана од почит кон жртвите во трагичната несреќа

Горан Наумовски

Колку луѓе ја дочекаа Нова година на небото? Во моментот на пристигнување на 2024 летале 10.560 авиони

А1он

Ковачевски со новогодишна честитка: Среќна Нова 2024, можеме, знаеме и умееме да обезбедиме подобар живот за сите

А1он

Првото бебе во 2024 година е машко: Се роди точно на полноќ

А1он

Новата година веќе пристигна во Кирибати

Нема огномет на плоштад за Нова Година, Град Скопје ќе ги донира парите

Катерина Ѓуровски