Балетското студио „Анабела“ од Велес синоќа во Велешкиот театар свечено одбележа 20 години постоење. Настапија членки на студиото на возраст од 3 до 24 години, а бројната публика ги награди со аплаузи за изведбите на танцовите кореографии на Цеца Пајдакова и Лорета Николова.
– Во изминатите 20 години во балетското студио „Анабела“ поминаа над 1500 членови, а сега танцуваат ќерките на поранешните членки кои успешно продолжуваат во ритмот на музиката и танцот. Резултат на тоа се бројните награди на домашните и меѓународни натпревари по танц. Имаме над 40 први места на меѓународни натпревари, а на државните натпревари двојно повеќе, изјави Пајдакова.
Потсети дека неодамна на Меѓународниот натпревар за танц во Сараево во силна конкуренција од многу земји освоија 13 први места, а и на последното Државното првенство на Македонија во танц освоија 11 први места.
Весна Ѓурчиновска-Басаров, една од првите членки на „Анабела“, изјави дека иако денес не танцува, нејзе и на нејзините другарки од „Анабела“ танцот е дел од животот.
– Во „Анабела“ се најдовме многу од нас со заедничка желба да танцуваме и така „Анабела“ опстои 20 години. Имаме и свои наследници кои успешно продолжуваат по нашите стапки. А тука сега игра и мојата петгодишна ќерка и нејзините врснички, рече Ѓурчиновска-Басаров. Додаде дека членувањето во „Анабела“ и помогнало да стане членка на танчерската група на Тоше Проески, кога работела со познати кореографи од Бугарија.
Балетското студио по повод дведеценискиот јубилеј им додели признанија на најдобрите учесници по распишаниот литературен и ликовен конкурс за основците, на тема „Танцот на младоста“.