Азербејџан станува голема атракција имајќи предвид дека Владата на оваа земја планира големи инвестиции, кои од неа ќе направат држава на иднината.
Главниот град Баку, моментално се подготвува за улогата на домаќин на Европските игри 2015., а минатата година беше одбележана со бројни вложувања во развојот на туризмот на оваа земја. Минатата година тука е одржан изборот на песната за Евровизија и Светското фудбалско првенство за жени.
Бројот на туристите постојано се зголемува, а според најавите на азербејџанското Министерство за туризам, цел е да се привлечат посетители и од другите континенти.
– Не е само Баку туристички адут на Азербејџан, туку и неговите планиски предели. Моментално го развиваме скијалиштето Шах-Даг, со цел да ја покриеме и зимската страна на туризмот, а првите два хотела ќе бидат отворени во блиска иднина, изјави министерот за туризам Абулфаз Карајев.
Иако Азербејџан е мала земја со девет милиони жители, приходите од нафтата и даваат силна основа за амбициозни планови. Еден од најобемните е изградбата на 41 вештачки остров на Капиското Езеро, кои ќе бидат поврзани со 150 мостови.
Круна на работите ќе биде Азербејџанската кула, која би требало да достигне висина од 1.050 метри и со тоа да ја надмине Бурџ Калифа (829,84 метри) од Дубаи, која засега е највисока градба на светот.