Француското Министерство за надворешни работи ги предупреди туристите дека, со оглед на терористичките закани во регионот Сахел, ниту едно место во Африка не може да се смета за сигурно.
Предупредувањето за опасноста за странските државјани дојде откако во Камерун беа грабнати седуммина француски туристи.
Со француската интервенција во Мали, почната на 11 јануари, во целиот регион на Сахел се зголеми опасноста од грабнување странци за заложници, заради што француските државјани се повикани на најголема препазливост.
Како што се наведува на сајтот на француското Министерство за надворешни работи, најчуствителна е областа Сахара (Буркина Фасо, Сенегал, Чад, Нигерија, Нигер), но ризикот од засилени напади врз странците не е ограничен само на овие земји.
Француската влада официјално ги предупреди своите, но и државјаните на другите земји, на опасноста од патувања во зоните во близина на јужната граница на Камерун со Нигерија, како и во централните и јужните области на Алжир, земјата во која на 16 јануари беше изведен терористички напад взр инсталацијата за експлоатација на гас „Ин Аменас“.
Владата, исто така, ги повика странците во Африка на „најголема претпазливост„ на јавните места и собири во Мароко, каде на крајот на април 2011 година во еден ресторан експлодира бомба, предизвикувајќи ја смртта на 17 лица.
Во Тунис, каде на почетокот на месецот убиството на опозицискиот лидер Шокри Белаид предизвика бројни протести во многу градови, француското МНР на своите граѓани им препорачува да се држат подалеку од демонстрантите и да ги следат упатствата на француската амбасада во оваа земја.
Различните собири и протести, што беа оддржани во знак на одбележување на втората годишнина од египатската револуција „се уште можат да ескалираат“, предупредува Ке д’Орсе, советувајќи им на своите државјани задолжително да ги одбегнуваат вообичаените места за собирања во центарот на Каиро, како што се плоштадот Тахрир и улиците во кои се наоѓаат државните институции.
Француската влада препорачува внимателност и во Гана, со оглед на воената интервенција во Мали и на учеството на официјална Акра во Меѓународната мисија за поддршка на Мали, како и на засилените вооружени напади брз странските државјани кои неодамна беа забележени во престолнината на оваа земја.