ММИ нека водат „војна“, ние ќе ги бараме нашите права преку институциите на системот, порачуваат од Здружението на приватните медиуми (ЗПММ), по објавениот став на Здружението Македонска музичка индустрија (ММИ) дека нивните барања се „објавување на војна“.
– Ова е објавување на војна со цел да се дезавуира остварување на право од интелектуална сопственост. Ако навистина опстојат на нивните закани дека во иднина ќе престанат да емитуваат музика на нивните програми, тогаш во многу ќе ја олеснат работата на ММИ, бидејќи нема да има преговори, затоа што ќе нема предмет за преговори. Но, за жал, сето тоа ќе биде на штета на авторите, изведувачите и продуцентите, се вели во реакцијата од ММИ, објавена на нивната официјална страна.
– Овој став на раководните лица од споменатите медиуми е многу штетен и за имиџот на Македонија и го одразува односот на овие медиуми кон уметноста, творештвото и воопшто културата во Република Македонија. Не постои земја во светот во која не се почитуваат авторските и сродните права. ММИ и ЗАМП не бараат телевизиите да „одвојуваат дел од своите средства, туку истите се организации кои се овластени согласно законот да го наплатуваат надоместокот за музичката содржина на програмите, како право востановено со мегународни конвенции и со македонскиот закон. Кој не сака да плака, не мора да емитува музика, стои во официјалното соопштение од ММИ.
Националните телевизии Сител, Алсат М и Канал 5, како и Здружението на приватните медиуми (ЗПММ) вчера и официјално побараа од Министерството за култура на Република Македонија итно да и ја одземе лиценцата на ММИ и да се направат измени на Законот за авторски и сродни права.