Здружението на приватните електронски медиуми (ЗПММ) бара Министерството за култура да стави привремен мораториум на работата на Здружението за заштита на музички авторски права (ЗАМП) и на новото Здружение за заштита на авторските права (ММИ), додека да заврши истрагата за нивното финансиско работење.
ЗПММ денеска соопшти дека вече поднело преставка до Управата за јавни приходи, Финансиската полиција и до Обвинителството да се преиспита целосното финансиско работење, отчетноста и транспарентноста на двете здруженија.
– Иницијативата е покрената во врска со последните настани поврзани со регулирањето на авторските права во Република Македонија и реакциите на јавноста за транспарентноста на работењето, а особено на распределбата на средствата од страна на ЗАМП и ММИ, соопштуваат од ЗПММ.
Во знак на протест од случувањата со наплатата на авторските права членките на ЗПММ минатата недела почнаа да емитуваат унифицирани радио и ТВ-пораки до гледачите и до слушателите на секоја македонска песна што се емитуваше на нивната програма. Во втората фаза од протестот на ЗПММ, во петок и сабота е предвиден прекин на програмата во траење од 5 минути. Членките на Здружението, според соопштението, се согласиле и да пристапат кон трет чекор во протестот со целосен прекин на емитување македонска музика.
Од ЗПММ истакнуваат дека треба да се стави ред во област со авторските права, а авторите и изведувачите да бидат праведно вреднувани и наградени. Бараат нова законска регулатива во областа и нагласуваат дека не се против плаќање на авторските права.