Жители од Средно и Горно Коњари бараат концесијата за ископ на песок да биде раскината затоа што според нив се уништува животната средина и квалитетот на живот на локалното население. Тие велат дека немаат ништо против концесионерот.
Според претставниците на месната заедница, кои денеска заедно со пратеникот Халил Снопче дадоа изјава за медиумите, проблемот со кој се соочуваат трае повеќе години и има прекршувања на договорот од страна на концесионерот.
– Таму има прекршувања на договорот од страна на концесионерот, се прави поголем ископ и поголема штета од она што е дозволено, изјави Сенад Самиќ, претседател на месната заедница Средно Коњари.
Пратеникот Халил Снопче демантираше дека во изјава дадена на 10 август го споменал името на компанијата „Еуро Прогрес“ во врска со ископот на песок.
Тој рече дека вчера од страна на собраниските служби му било доставено писмо од „Еуро Прогрес“ во кое се бара да се извини во рок од 48 часа, а доколку тоа не го стори дека ќе постапат по судски пат.
– Сакам пред јавноста да напоменам дека во ниедно мое излагање не сум спомнал со конкретно име и презиме некое физичко лице или пак конкретна идентификација на правен субјект. Следствено, во ниедна моја изјава не сум спомнал име на Еуро Прогрес ДООЕЛ. Да не го добиев писмото немаше ни да знам дека постои фирма со вакво име. Во ниедна прилика преку моите иницијативи и на Собрание и на медиуми, не ме интересирала компанијата, туку решавање на проблемот во интерес на граѓаните. Ако тие сметаат дека се оштетени јас ке се залагам за нивна одбрана и нема сила која ке ме спречи во тоа мое залагање, рече Снопче.
Додаде дека не чувствува никаква обврска за јавно да се извини и дека изјавата била дадена во знак на поддршка на граѓаните од Средно и Горно Коњари.
– За мене нема дилема. Ископувањето на песок во овој предел ја уништува животната средина и квалитетот на живот на локалното население и поради тоа сметам дека концесијата за ископ на песок треба повторно да се раскине без да ме интересира кои се концесионери и како тие ја акцентираат мојата изјава. Тоа е мое мислење и стојам на тоа мислење, рече Снопче.