Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на коалицијата „Сојуз за иднината“, Андреј Жерновски, јавно ги кажа прашањата што сака да му ги постави на неговиот опонент од владејачката партија, Владимир Тодоровиќ, на телевизиска дебата во која би ги соочиле изборните програми.
Откако кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Карпош, Јагнула Куновска, се соочи во телевизиска емисија со кандидатот на СДСМ, Андреј Петров, Жерновски вели дека не држи повеќе аргументот на владејачката партија да нема телевизиско соочување на нивните кандидати. Жерновски јавно му ги постави прашањата на Тодоровиќ, со цел да се подготви и да не стравува од она што може да го праша во евентуалната дебата.
– Причината што одбегнува дуел мислев дека лежи во страв кај него да бидат поставени прашања кои тој не ги знае. За да има можност да се подготви и со спремни одговори да излезе на телевизија, ќе му ги поставам клучните прашања во име на нашата коалиција, но и во име на граѓаните. Првото прашање е како успеа катна гаража преку ноќ да биде претворена во трговски комплекс, кој е во негова сопственост, и како успеа, откако е заедно со ВМРО-ДПМНЕ на власт, неговиот профит да порасне за цели 16 милиони евра – му порача денеска Жерновски на својот противкандидат.
Една недела пред локалните избори Жерновски рече дека е време кандидатите за Општина Центар пред јавноста да си ги вкрстат копјата. Еден од поголемите потези кои го најавува во својата изборна кампања е ревизијата на проектот „Скопје 2014“, за кој посочи дека нема продолжение во изборната кампања на Тодоровиќ.
Тој денеска повторно нагласи дека ревизија на скулптурите, објектите и фасадите ќе биде првата задача на општината под негово раководство, а што се однесува до местоположбата на спомениците и извесна нивна дислокација, рече дека е прашање за кое би одлучувале граѓаните, дали воопшто да се дислоцираат спомениците и кои од нив.
На денешната промоција на својата кампања тој најави посебни услуги за постарите лица во Општина Центар преку патронажна служба, која ќе работи 24 сати во денот седум дена во неделата, а која, составена од невработени лекари и социјални работници, ќе има за цел да им овозможува неопходни услуги на постарата категорија граѓани, како редовна и бесплатна лекарска посета, давање здравствени совети, бесплатна достава на прехранбени производи и лекови. Во оваа општина, рече тој, живеат околу 8.000 повозрасни граѓани, на кои на овој начин ќе им се олесни животот и ќе може да бидат задоволени некои нивни специфични потреби.