Сите што директно или индиректно се вклучени во збиднувањата на полето на надворешната политика, воопшто не се изненадени од развојот на настаните. Напротив, го очекуваа ова, бидејќи во повеќе наврати беше најавувано ваквото сценарио, напиша заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски на „Фејсбук“.
„Нашите граѓани мора да знаат, и тоа треба да им се каже јасно и гласно, дека има надворешни и внатрешни сили, некој ќе каже структури, кои перманентно работат на проектот наречен “Република Северна Македонија не смее да влезе во НАТО и ЕУ”. Впрочем, ги видовме на дело пред, за време и после Референдумот.
Сега, откако од рака им избега нашиот (веќе сигурен и обезбеден) влез во НАТО, сите сили и капацитети им се насочен кон ЕУ, односно кон датумот за преговори. Во превод, проектот сега има полокализиран наслов и е заведен под името “Октомври”, но геостратешка цел останува иста.“, додава Жерновски во објавата.
„Во тој проект, се разбира дека се вклучени и медиумите. Понекогаш домашни, а (се’) почесто и странски. Тоа не е ништо ново, па затоа веќе е време да се навикнеме на тој феномен. Вклучени се и пари, многу пари. А тие, такви какви што се, знаат да влезат низ сите можни дупки, без разлика колку се тесни или широки, плитки или длабоки.
Актуелната афера, без сомнение, им дојде “како нарачана”. И се разбира дека ќе ја (зло)употребат. Затоа сум уверен дека единствен наш можен и успешен одговор е- да се оди до крај. Ама до крај! Или ќе расчистиме кој се’ е инволвиран, или ќе си одиме.“
Секаде во светот, власта која е решителна и, што е најважно, искрена во намерата да се бори против корипцијата, е должна да овозможи и обезбеди услови за чесна истрага. Тоа значи истрага против секого, во функција на средување на правната држава. Таа битка е далеку од лесна и носи сериозни трауми, но затоа ќе бидеме држава каква што посакуваме. Впрочем, тоа го потврди и премиерот, со зборовите “Секој да одговара за своите постапки. Граѓаните заслужија правда!“, вели понатаму.
„Што се однесува до опозицијата, состојбата е следна: во наведената геостратешка “Игра на тронови”, која (замислете) не се одвива само кај нас, големите и моќни сили редовно свој сојузник наоѓаат во опозицијата. Сосема логично, ќе додаде некој. Разликата е во тоа што во другите држави, таа е битен играч кој не дозволува сценариото да се одбива без нејзино учествување и одлучување. Кај нас, пак, опозицијата е само маргинален фактор, кој немо чека да и’ кажат по кои ноти да игра.
Каде се Брисел и Вашингтон? Тука се, на лице место, затоа што воопшто не се наивни. Знаат многу добро и за сценариото, и за домашните и странски сили, и за медиумите, и за парите кои се во игра. За се’, и тоа може само да не’ радува. Нас, не другите. Впрочем сите понови членки, од прва до последна, ја поминаа оваа фаза кога влегуваа во нивното семејството. И успеаја.
Да завршаам како што почнав, со насловот.
Во музиката, крешендото се постигнува со постепено зголемување на јачината на звукот, односно на бројот на инструменти. Токму тоа се случува сега, пред “Октомври”. Оние што се против тоа нашата држава да биде дел од НАТО и ЕУ семејството, сега ќе ги зголемуваат и јачината на ударот, и бројот на вклучени инструменти. За нив, ова е финалниот момент!
А нам ни преостанува да бидеме мудри и истрајни, бидејќи влогот е огромен, па нарачаното крешендо да го претвориме во “Ода на радоста”, химната на Европа.“, заврши Жерновски.