Заврши рокот за доставување кандидатури за локалните избори

Од:

Во текот на денешниот ден се очекува да се знае конечниот број на кандидатите за градоначалници и советници за претстојните локални избори на 24 март, откако на полноќ заврши дополнителниот рок за доставување кандидатури до општинските изборни комисии, односно до Државната изборна комисија од страна на политичките партии и коалициите.

ДИК утре ќе изврши уште едно жребување по што дефинитивно ќе се знаат редните броеви на листите за гласање. Нема да се врши повторно жребување за редоследот на кандидатите за кои веќе е извршено по првичниот рок 16 февруари, туку тоа ќе се направи само за кандидираните до 8 март на полноќ.

За да се испочитуваат законските процедури, Комисијата за верификација на факти денеска ќе работи во текот на целиот ден за да ги провери новите кандидатури и да се утврди дали некои од кандидатите за советници и за градоначалници биле соработници со тајните служби. Во дополнителните проверки на лустрациска претходно беа откриени тројца соработници на тајните служби. Како што информира портпаролот на Комисијата Предраг Димитровски, она што е индикативно е дека овие лица ја започнале соработката со тајните служби по 1991 година.

Во меѓувреме се одвива и изборната кампања, која започна во понеделникот и ќе трае до 22 март. Изборниот молк е на 23 март и на денот на изборите. Локалните избори во Македонија ќе се спроведат во 80 општини и во Градот Скопје, а во избирачкиот список за гласање се запишани вкупно 1.743.403 избирачи.

Би можело да ве интересира

Руското МВР тврди: Регистрирани се 10 обиди за терористички напади за време на локалните избори

Избори во Северна Рајна-Вестфалија: ЦДУ го задржува водството, АфД во силен пораст

Аргентинската опозициска партија победи на изборите во Буенос Аирес

Шест кандидати на AfD починаа пред германските избори

Предвремени избори за претседател на Република Српска на 23 ноември

Горан Наумовски

Кандидатите на претстојните локални избори ќе можат да се рекламираат на 329 медиуми во државата