Заврши пандемиската учебна година, од коронавирусот зависи каква ќе биде наставата од септември

Од:

За основците и средношколците денеска е последниот училиштен ден во учебната 2020/2021 година. Според изменетиот Календар за организација на работата на училиштата (основни и средни) почетокот беше одложен за 1 октомври, а бројот на наставни денови намален од 180 на 159.

Учебната година почна еден месец подоцна поради потребата антиковид-протоколите за реализација на различни начини на настава да бидат законски усвоени во Собранието кое, пак, требаше да биде конституирано по одржаните парламентарни избори минатиот јули.

Во двете полугодија образовниот процес беше организиран по комбиниран модел – мнозинството ученици следеа настава на далечина, главно преку платформата Мајкрософот тимс, а на часови со физичко присуство беа најмалите до трето одделение и од повисоки одделенија во помали училишта – подрачни и во рурални средини. Ученици без ИТ-уреди имаа можност за настава на Македонската радио-телевизија и добиваа печатени материјали.

МОН во соработка со Комисијата за заштита од заразни болести и Министерството за здравство, ќе утврдува како ќе се реализира наставата во 2021/2022, што ќе зависи од состојбата со коронавирусот во земјава.

За учениците кои завршуваат основно образование, од понеделник (14 јуни) претстои пријавување за упис во средните училишта во кои, според објавениот Конкурс, слободни се 30 053 места во 913 паралелки во 109 средни училишта.

Матурантите, пак, утре ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен меѓу предметите математика, странски јазик, филозофија или естетика. Првиот, задолжителен испит по мајчин јазик (македонски/албански/турски јазик и литература) го полагаа во саботата.

Поради отежнатите услови за настава и на барање на Сојузот на средношколци, за оваа генерација матуранти е изменет концептот на државната матура откако во февруари беше постигнат договор со Владата – полагаат еден екстерен испит помалку од минатите години и имаат тестови по скратени наставни програми за сите испити (екстерни и интерни).

Би можело да ве интересира

Ангелова: Сите наставници од основно до високо образование ќе имаат повисоки плати

Јаневска: За четири месеци ги зголемивме платите на наставниците и инвестираме во инфраструктура

Худолин: Ако има премногу деца во училниците, тогаш се отежнува учењето

(ВИДЕО) Митева: Платите во образованието до 2028 година ќе пораснат минимум 46 отсто

Горан Наумовски

Филипче: Само 5% покачување плати за наставниците е обид да се намали гневот

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците