Жителите на пробиштипското село Ратавици добија асфалтирани улици во должина од еден километар. Како што посочи градоначалникот на општина Пробиштип, Тони Тоневски овој инфраструктурен проект се реализираше со средства од општинскиот буџет, а инвестицијата чини 3,5 милиони денари.
– Со ова во селото Ратавици речиси сите улици се асфалтирани. Претходно овде направивме и поврзување на селото Ратавици со Пробиштип со нов асфалтен пат. Исто така, направен е и комплетно нов водовод, со што главните проблеми кои ги имаа жителите на Ратавица се надминати, изјави Тоневски.
Тој истакна дека најголем дел од асфалтирањето на улиците во населбите Калниште, Злетово и Пробиштип се завршени, согласно Програмата за работа за 2017 година.
Во текот на овој месец се асфалтира и улицата „Гоце Делчев“, една од централните улици во градот Пробиштип, каде е и лоцирана Детската градинка „Гоце Делчев“.