Едно од многуте ветувања на владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ на сите изборни циклуси е затворениот базен за Охрид. Но охриѓани се уште не го виделе истиот, ниту пак градбата е на повидок. Иако Владата повеќе пати до сега најавуваше почеток на реализација на проектот, сето тоа остана само на збори и уште една од PR манипулациите со јавноста и граѓаните.
Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески минатата година во медиумите изјави дена почетокот на изградбата на затворениот базен ќе биде во април оваа година. Кога А1он, во април праша зошто не е започната изградбата на базенот, Бакрачески одговори дека истата ќе почнела во септември или најкасно во октомври.
Припремните работи околу реализација на проектот за затворен базен се веќе одамна започнати. Се надевам дека во септември, октомври ќе почнат и градежните работи за изградба на затворен пливачки базен – рече Бакрачески за А1он пред околу шест месеци.
По таа изјава, раководителот на Секторот за поддршка на градоначалникот, Зоран Рафтоски го корегираше Бакрачески и додаде дека градежните активности за базенот веќе започнале. Но, денес, која поминува и октомври нема ништо од тој проект. Ниту градежни активности, ниту било што.
Спортските работници кои се занимаваат со пливањето велат дека Охрид не смее да биде без услови за тренирање на еден од најпознатите спортови во градот. Пливањето во никој случај не смее да биде спорт само во лето доколку сакаме да имаме светски познати пливачи какви што имал Охрид во минатото.
Граѓаните сепак, по се изгледа ќе причекаат да му се радуваат на затворениот базен. Најавите дека тоа ќе биде најубав затворен базен ќе останат само желба за охриѓани. Тој проект и натаму е само дел од PR агенциите со кои соработува власта и служи само за да се оттргне вниманието за катастрофалните резултати во Охрид на оваа локална власт.
Ф.Ј.