Пред Кривичниот суд во Скопје каде за 12 часот е закажана пресудата за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017-та година, забележливо е зголемено полициско обезбедување.
Во текот на вчерашниот ден на социјалните мрежи се појави иницијатива за протест пред Судот поради пресудата на обвинетите.
Од 11 часот пред судот почнаа да се собираат граѓани. Пред почетокот на рочиштето се очекува нивниот број да се зголеми.
17 лица се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок поради што им се заканува казна затвор од минимум десет години.
По донесувањето на Законот за амнестијата на Собранието, 15 лица беа помилувани и за нив беше прекината постапката.
Меѓу нив беа и пратениците што ги отворија собраниските врати за да влезе толпата во законодавниот дом – Сашо Василевски и Крсто Мукоски.
Обвинети во предметот останаа: Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Игор Дурловски, Младен Додевски, Јане Чентo, Горанче Анѓеловски, Игор Југ, Влатко Трајковски, Вилијам Михајловски, Никола Митревски Кољо и Александар Василевски – Нинџа.
За обвинетиот Сашо Марковски постапката се води раздвоено поради нарушената здравствена состојба.
Обвинетиот ексдиректор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, ќе биде донесен од затворот „Скопје“ бидејќи кривичниот совет му определи 30-дневен притвор на барање на Обвинителството поради опасност од бегство.
Виктор Јованов