Општина Илинден спроведе акција за пошумување на Ајватовски рид, делот кој беше опфатен со големите пожари летово и беше уништена шума во површина од 30 хектари.
Во акцијата наменета за збогатување и обновување на шумскиот фонд во рамки на проектот „Зелена Општина Илинден“, засадени се 11.000 садници од видот багрем, а учествуваа голем број граѓани, ученици, јавните претпријатија, општинската администрација, како и општествено одговорни компании.
Целта е да се обнови шумата, велат од Општина Илинден, и заеднички да ја подигнеме еколошката свест за здрава и чиста животна средина чии придобивки ќе ги чувствуваме сите ние, но и генерации по нас.
-Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски присуствуваше на акцијата и истакна дека обврска на секој од нас е активно да се грижи во подобрување на еколошката свест, со цел да допринесеме да имаме чист воздух и здрава животна средина, такашто во таа насока ваквите еколошки акции ќе продолжат и во иднина да се реализираат. Заштитата и унапредувањето на животната средина претставува еден од приоритетите во работењето на локалната самоуправа, стои во соопштението на Општина Илинден.