Започна вакцинацијата против сезонскиот грип, за што Министерството за здравство обезбеди 70 илјади бесплатни вакцини.
Бесплатната вакцина е наменета за ризичните групи, вклучувајќи лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години, како и лица и вработени во установи за социјална заштита на стари лица.
Според надлежните, досега преку интернет-страницата „Вакцинација.мк“ се пријавиле околу 33 000 граѓани.
„Вакцинацијата е наједноставниот и најквалитетниот начин да се заштитите од грипот во зимските месеци“, истакна д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.
Вакцинацијата ќе се спроведува на 36 локации низ државата, а сите пријавени граѓани добиваат СМС порака со точен датум, време и место за вакцинација.
Во Скопје, вакцинацијата ќе се врши во Центарот за јавно здравје и поликлиниките Букурешт, Идадија и Бит Пазар, додека здравствените работници ќе можат да ја примат вакцината и во Институтот за јавно здравје.