Започна првиот „Скопје стрип фест 2016“

Од:

Во Музејот на Град Скопје синоќа започна првиот „Скопје стрип фест 2016“, што ќе се одржува до 3 јули.

Во рамки на фестивалот предвидено е да има изложба на неколку одбрани македонски стрип-автори, неколку издавачки куќи ќе ги презентираат своите стрип изданија, ќе се одржуваат работилници за стрип со деца, ќе има стрип берза, презентации на видео и друштвени игри, како и турнир во „Magic The Gathering“, „Yu-Gi-Oh“…

На фестивалот денеска ќе се одржи стрип работилница за деца, што ќе ја одржат Игор Јовчевски и Никола Темков. Работилницата ќе биде од отворен карактер и на неа ќе можат да се приклучат и други деца кои сакаат да цртаат.
Студиото „Линкс“ вечер ќе има презентација, а околу 19:30 својата игра „Каверн Таверн“ ќе ја презентираат авторите Војкан Крстевски, како и гостинот од Битола, The Micho. Истиот ден свои презентации ќе имаат и издавачките куќи „Стрип квадрат“ и „Комик бру“, потоа здружението „Макстрипови“ со нивното издание „Синдром“, а ќе биде претставено и самостојното издание на Матеј Богдановски „Патенталија и Тентелина“. Но, пред презентациите предвидено е да настапат Душко Кралевски, новинар и публицист, и доајенот на македонскиот стрип Димано, со презентација на „Македонскиот стрип пред независноста на Македонија“, при што ќе кажат и пригодна реч за неодамна починатиот доајен на стрипот, карикатурата и анимацијата, Дарко Марковиќ.
Утрешниот ден ќе биде целосно посветена на друштвените игри. Во 18 часот ќе започне турнирот во можеби најпознатата светска игра – „Magic The Gathering“ во организација на „Гоблин“, а додека трае турнирот Милан Тасевски ќе ја претстави својата игра „Small Star Empires“, како и стрип-авторот Никола Темков, кој е илустратор на англиската игра „Conflicting Kingdoms“.
За времетраење на фестивалот, во салата 1 на Музејот на град Скопје од 18 часот ќе биде поставена и стрип берза, на која љубителите ќе можат да ги купат своите омилени стрипови по промотивни цени. На мини штандот ќе бидат поставени изданијата на стрип книжарницата „Бункер“, но и сите изданија на издавачката куќа „Стрип квадрат“, а ќе биде застапен и стрип-магазинот „Синдром“, како и независните македонски стрип-изданија. Исто така, на него ќе може да се најдат и дел од омилените друштвени игри од „Гоблин“.

Би можело да ве интересира

Шукова ја објави својата кандидатура за градоначалничка на Скопје

Пожар во центарот на Скопје, седум лица побарале медицинска помош

Земјотрес во Косово, почувствуван во Скопје

„Водовод“: Можни се појави на намален притисок и прекини на водоснабдувањето во одредени делови на Скопје

48-годишен маж пронајден мртов во стан во Скопје

Пет пожари се активни на територијата на Град Скопје