Законски измени за поквалитетни специјализации и приоритетен статус на болните од рак

Од:

Уште неколку значајни сегменти од здравствениот систем се опфатени со најновите измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита. Станува збор за измени со кои значително ќе се подигне квалитетот на системот на специјализации, ќе се воведува систем на BSC (Balanced Scorecard) односно систем за стратешко планирање и менаџмент и избалансирано оценување на постигнувањата, поврзување на платите на директорите со критериуми и индикатори на успешност, а здравствениот третман на пациентите болни од малигни заболувања ќе се врши согласно клиничка патека.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција на која ги образложи законските измени во секој од трите сегменти, рече дека во делот на специјализациите, со измените и подигнувањето на квалитетот на целиот систем на специјализации, долгорочно ќе се овозможи унапредување на квалитетот на здравствените услуги во државата.

Посочи дека во однос на специјализациите, се предвидени крупни промени во делот на полагањата на испити, изготвувањето прашања за испитите и литературата која се користи за подготовка на полагањата, во насока на уште потемелна проверка на теоретските и практичните знаења на специјализантите. Новиот систем на специјализации е втемелен на искуства од повеќе странски држави, меѓу кои САД, Германија, Франција…

– Предвидуваме нов начин на полагање на колоквиуми, кој се состои од три дела (прв и втор дел кој се полага писмено, односно усно и со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите стекнато во текот на извршувањето на турнусот), и практичен дел, со кој се проверува способноста на специјализантот за примена на стекнатото знаење во практика). Покрај колоквиуми, предвидено е полагање на полуспецијалистички испит по завршување на втората година од специјалистичкиот стаж. Во текот на специјализација и субспецијализација, се користи литература од 100 врвни високообразовни установи, според Шангајската листа, истакна Тодоров.

Целта е, појасни министерот, специјализантите во Република Македонија да учат и имаат пристап до литературата која се користи на универзитетите во Кембриџ, Оксфорд и други реномирани универзитети и да го стекнат тоа ниво на знаење.

– Во однос на базата на прашања, се користи стручната литература, и таа содржи најмалку 400 прашања и најмалку 100 студии на случај. Базата на прашања и на студии на случај е достапна на специјализантите кои го полагаат колоквиумот, но без дадени одговори на прашања или решенија на студиите на случај. Ваква база на прашања и база на студии на случај се изготвува и за полуспецијалистички и специјалистички испит, од страна на Националната комисија за изготвување на базите на прашања и студии на случаи за полагање на полуспецијалистичкиот и специјалистичкиот испит, рече Тодоров.

Со законските измени се предвидува полагањето на прв и втор дел од колоквиумот да се снима и во живо да се емитува на веб-страницата на Министерството за здравство. Министерот појасни дека целта е да не може да има какви било ургенции и сите да имаат еднаква позиција во системот.

– Се предвидува снимање на теоретскиот дел од полагањето, додека практичниот дел се спроведува во амбуланта, болничка соба или просторија за вршење на интервенции и истиот не се снима. Понатаму, со овие законски измени точно ги утврдуваме активностите кои специјализантот е должен да ги врши во текот на специјалистичкиот стаж, но и времетраењето на активностите на специјализантот, посочи Тодоров.

Специјализантот, нагласи тој, задолжително поминува најмалку девет часа во текот на денот во здравствената установа во која го врши специјалистичкиот стаж, и ова време е дефинирано како „време за стручно усовршување“, додека на неделно ниво времето за стручно усовршување не трае повеќе од 45 часа, односно 69 часа вклучувајќи и дежурство. Тој рече дека задолжително еднаш во текот на секоја недела, односно четири пати во текот на секој месец, специјализантот го поминува времето за стручно усовршување на дежурство со кое се обезбедува непрекината 24-часовна здравствена дејност во јавната здравствена установа.

– Специјализантот има обврска да го евидентира своето присуство преку системот за евиденција на работно време во здравствената установа во која се спроведува турнусот, а доколку не го стори тоа, одговара за повреда на работната дисциплина како дисциплински престап. Предвидуваме вклучување на специјализантот на утринските, односно дневните состаноци, со реферирање на случаите кои ги имал претходниот ден и објаснување на случаите кои треба да ги има наредниот ден, согласно медицина базирана на докази. Состаноците секое утро ги одржува медицинскиот директор, заедно со доктор-специјалист со најмалку 7-годишно работно искуство, рече Тодоров.

Се предвидува вклучување на специјализантите и во изведувањето дневна визита. На пример, постариот специјализант во текот на третата година на специјализација задолжително изведува најмалку една дневна визита во текот на денот, која не смее да биде во исто време со редовната визита на специјалистите. Постариот специјализант, индивидуално, а не во група, ја врши визитата, при што е должен да го посети секој хоспитализиран пациент.

Со подзаконски пропис, појасни министерот, ќе се уреди минималниот број интервенции кои специјализантот треба да ги одработи. Во однос на вештините кои специјализантите треба да ги поседуваат, се предвидува задолжително познавање на најмалку два светски јазици и тоа англиски јазик најмалку на ниво Б2 според Европското јазично портфолио и еден од следните светски јазици на ниво A2 според Европското јазично портфолио: германски, француски, италијански, турски, кинески, шпански или руски јазик, што е многу важно заради организирање и спроведување на обуките во странство.

– Предвидуваме специјализантот да присуствува на најмалку пет обдукции годишно (освен специјализантот на хируршки гранки кој учествува во извршување на најмалку пет обдукции годишно од првата година на специјализација заради стекнување на практично знаење од областа на анатомијата). По истекот на третата година, постариот специјализант се стекнува со времена лиценца за работа и добива времен факсимил. Исто така, прегледите и интервенциите што ги врши постариот специјализант се закажуваат преку „МојТермин“, истакна Тодоров.

По положувањето на специјалистичкиот испит, а пред стекнувањето со звање специјалист, нагласи, Министерството за здравство го упатува докторот на стручно усовршување во странство и ги надоместува трошоците за обука во странство (во земја членка на ОЕЦД или на ЕУ) во времетраење од три месеци.

Со вториот сегмент законски измени се предвидува законска обврска за воведување на систем на BSC (Balanced Scorecard) како систем за стратешко планирање и менаџмент и избалансирано оценување на постигнувањата, како и поврзување на платите на директорите со критериуми и индикатори на успешност, со што ќе се овозможи подобро и поквалитетно управување со јавните здравствени установи.

Тодоров потенцира дека BSC претставува многу важна менаџмент алатка од која зависи целокупната имплементација на организациската стратегија и со системот се потенцира улогата и одговорноста на менаџментот, се со цел да се овозможи зајакнување на управувањето со јавните здравствени установи.

Би можело да ве интересира

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски