Заклетва на питомци и промоција на потпоручници на Воената академија

Од:

Питомците од 20. генерација на Воената академија „Михаило Апостолски“ денеска дадоа свечена заклетва, а во чин потпоручници беа промовирани 35 питомци.

Во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ свечена заклетва дадоа 29 питомци, од кои шест припаднички на женскиот пол и седум студенти на цивилни насоки. Од студентите-питомци на Воената академија, 20 се од Македонија, 4 од Босна и Херцеговина, 3 од Црна Гора и 2 од Косово.

Од промовираните во потпоручници седум се припаднички на женскиот пол. Од нив 25 се од Република Македонија, 3 од Црна Гора, 3 од Босна и Херцеговина и 4 од Косово.

Михајло Тошевски, прворангираниот од промовираните потпоручници, во името на 16. класа на Воената академија, пред присутните меѓу кои министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, претставници на воено -дипломатскиот кор, како и претставници од министерствата за одбрана на Црна Гора, БиХ и на косовските безбедносни сили, нагласи дека сите мали работи кои ги извршувале сите овие години, влијаеле при формирање на тоа што се денес – здрав и добронасочен офицер, кој за кратко време треба да се соочи со предизвиците на модерното војување.

– Патот до успехот за офицерскиот позив во АРМ секогаш поминува низ полигоните на Криволак, каде што обуката имаше една цел, да го сфатиме значењето на синтагмата колку повеќе пот во мирно време, толку помалку крв во војна, рече Тошевски, додавајќи оти сите пречки ги поминале заедно и се стекнале со неразделни пријателства.

Изразувајќи убеденост дека тие се најдобри во нивната генерација и најхрабри млади луѓе посветени на националната безбедност, регионалниот и глобалниот мир и стабилност, министерот Јолевски им порача да работат чесно и посветено, да се оспособат за критичко размислување, како и да ја развијат нивната креативност и професионален интегритет.

– Вашето воено школување со припадници од други земји од регионот ќе придонесе за зајакнување на соработката и мирот во регионот. Вашите амбиции се и наши, да создадеме офицери кои ќе бидат достојни и ќе можат да ги бранат своите татковини, рече Јолевски, додавајќи оти нивните професори и инструктори потврдиле дека се целосно подготвени за нивните задачи и сложени предизвици во претстојната кариера. Потсети дека ќе се отвори нов Универзитет за наицонална безбедност и одбрана „Дамјан Груев“ во чиј состав ќе биде и Воената кадемија.

Потпоручник Марија Кнежевиќ од Црна Гора изјави дека ова е посебен ден за неа и за нејзините колеги од 16. класа.

– Чест ми беше што како претставник од Црна Гора имав можност да соработувам со колегите од Македонија, БиХ и Косово. За овие четири години не беше многу лесно особено како припадник на женска популација да ги совладам сите тешкотии, но со помош на моите пријатели-колеги успеав да бидат тука сега и да завршам својот академски дел во РМ, изјави потпоручник Кнежевиќ.

Единствениот мотив да се запише на Воената академија за питомецот Гоце Софевски, бил љубовта кон татковината, лојалноста и патриотизмот, но и поради желбата да продолжи по стапките на неговиот татко кој бил припадник на АРМ.

Упатувајќи честитки до новите питомци и потпоручниците претставникот на МО на Црна Гора потенцира дека Воената академија во Скопје ужива углед на високо квалитетна воено образовна институција каде има адекватно воено образование во согласност со НАТО стандардите. Потсети дека на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ од 2010 година успешно завршиле 13 потпоручници на војската на Црна Гора. Денешната церемонија, истакна претставникот од МО на БиХ, е само уште една потврда на досегашната соработка и додаде оти соработката меѓу двете земји ќе се развива во сите области. Во име на косовските безбедносни сили, претставникот потенцира дека косовските безбедносни сили се посветени на целта а тоа е да станат видливи и мултиетнички сили отворени за сите граѓаните на косово, посебно за припадниците на малциснките заедници.

Би можело да ве интересира

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против Славјанка Петровска

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд ја укина забраната за вршење верски обреди во објектите на македонската армија

А1он

Сиљановска – Давкова: Најсилната страна на Армијата е човечкиот капитал

Раскинат е договорот со фирмата што ја снабдуваше АРМ со храна, по труењето на 60 војници

Мисијата на ОН во Либан во која има и македонски офицери го одби барањето на Израел да напушти дел од позициите

Катерина Ѓуровски

Оброците за АРМ се 100% исправни, соопшти фирмата која ја подготвува храната