Зајкова: ЛДП е доказ дека изборот не е само лево или десно – изборот е меѓу стари навики и нова одговорност

Од:

Во пресрет на локалните избори, кога партиите ги прават последните подготовки пред изборниот ден, а кандидатите се растрчани на терен, разговаравме со претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, за што таа и партијата очекуваат од локалните избори и дали тие навистина ќе донесат некои суштински промени или повторно ќе останеме само на предизборни ветувања.

1. Локалните избори се на самиот праг, за нецели два дена граѓаните на Македонија ќе одлучуваат кој ќе им ги решава локалните проблеми во наредните 4 години. Што е она што го очекувате од изборите и каква е улогата на ЛДП во овој изборен циклус?

Оваа Коалиција во центарот е доказ дека изборот не е само на две опции. Не е само лево или десно. Очекувам овие избори да бидат јасен сигнал на зрелост за нашето општество. ЛДП влезе во кампањата со јасна визија: локална власт која ќе им служи на граѓаните, а не на партиите. Нашите кандидати се луѓе исто како нас, како Вас, кои живеат со проблеми секој ден, стекнале искуство и знаат кои се решенијата. Впрочем тоа го зборуваа и во своите јавни настапи.
Понудата на кандидатите на ЛДП е широка: транспарентност, зелени политики, поддршка на младите и дигитализација на општините со примена на вештачката интелигенција. Нашата замисла на почетокот на оваа кампања беше да понудиме современо управување на локално ниво. Судејќи по програмите и предлозите на нашите кандидати, сметам дека таа цел ја исполнивме. Сега останува граѓаните да го кажат своето во недела.

2. Лидерската позиција со себе носи привилегии, но и обврски како кон кандидатите, така и кон гласачите. Кои се Вашите главни пораки кои ги упатувате до јавноста за овие избори?

Нашата порака, мојата порака, е многу едноставна: време е за одговорна политика. Доволно време се изгуби овие години, а резултатите се во најмала рака дискутабилни. ЛДП верува во општини кои ќе бидат сервис на граѓаните, а не терен за партиски пресметки и лични интереси. За овие избори не успеавме, но нема да престанам да се борам следните локални избори да се гласа на отворени листи за човек, а не за партија. И да се донесе конечно нашиот предлог за отповикување на градоначалник – како моќна алатка ма граѓанинот да побара отчетност и одговорност.
Апелирам до сите оние кои веруваат дека локалната власт може да биде чесна, ефикасна и блиска до граѓаните – крајно време е да дадеме поддршка на луѓето што имаат визија, енергија и знаење како да ги решаваат насобраните проблеми на локално ниво. Не може повеќе да очекуваме дела проблемите ќе бидат решени од оние кои ги создаваа, таложеа и се богатеа на грбот на народот. Нашите кандидати се луѓе од заедницата каде што се кандидираат, препознатливи по својот стаж и искуство во локалната политика, луѓе подготвени со решенија наместо со изговори за тоа кој за што е надлежен. Затоа и сметам дека граѓаните треба да ги поддржат, за конечно да имаат вистинска шанса за решавање на своите проблеми.

3. Каква е Вашата улога во овие избори, со оглед на тоа дека сте пратеничка во Собранието и не сте кандидатка за овие избори. Какви се Вашите впечатоци од теренот за реакциите околу кандидатите за градоначалници и советничките листи низ Македонија?

Како претстедателка, мојата улога е да стојам зад она што го предлага секој кандидат и тим кој ја претставува идејата на ЛДП – политика заснована на решенија, а не на конфликти. Од самиот почеток на кампањата сме на терен меѓу граѓаните, јас секојдневно сум во некој од градовите низ државата, разговараме со жителите, ги слушаме нивните проблеми и се обидуваме заедно да најдеме решенија. Впечатоците досега се позитивни, реакцијата на јавноста ни е важна и нивната поддршка во недела ќе ни значи. За мене претставува особено задоволство што нашата идеја, нашата партија е повторно видлива во центарот. Нашите кандидати не ветуваат чуда за преку ноќ, туку конкретни проекти и активности. Од Кочани преку Дебрца, Прилеп, Битола и Гевгелија, Скопје, а и секаде онаму каде што имаме наши листи и кандидати за градоначалници Ве уверувам дека пред сѐ, нудиме искрен, отворен пристап и конкретни планови за подобар живот на локално ниво.

4. Како ги гледате предизвиците со кои се соочуваат општините денес? Дали постои “магично стапче“ со кое може за еден ден да се решат проблемите, како што слушаме и читаме дека ветуваат дел од кандидатите?

За жал, „Магично стапче“ во реалниот живот нема и такво нешто не постои. Затоа и се чудам како некои мои колеги се расфрлаат со популизам, а и самите знаат дека нештата во реалноста не ги решаваат убави зборови, туку работа.
На дневно ниво општините се соочуваат со проблеми што бараат системски пристап: обезбедување на финансиска одржливост, транспарентност и нудење најавни услуги кои што навистина функционираат. Пред некој ден бев во Облешево и замислете во 2025 година, таму луѓето сѐ уште немаат асфалтен пат и канализација во секој дом. Доколку успееме да ги обезбедиме овие неколку работи, верувајте дека резултатите многу брзо ќе почнат да се гледаат и да се чувствуваат. Но, според мене, најголемиот предизвик за општините е враќањето на довербата. Јавноста, граѓаните, мора повторно да поверуваат дека нивниот глас значи нешто и дека има тежина да одлучува. Се изморивме од празни ветувања и отсуство на институционална активност и одговорност. Токму затоа, нудиме нов лик на локалната политика. Политика која е отворена, отчетна и посветена на граѓанинот, не на партијата.

5. Како ќе изгледа првиот ден по изборите доколку вашите кандидати ја добијат довербата и станат градоначалници, односно советници во општините?

Првиот ден ќе биде ден за работа, а не за славење. Бидете сигурни, ќе покажеме дека решенијата за кои зборуваме не завршуваат со изборниот ден. Ќе почнеме токму со она што го зборувавме во кампањата: конкретни чекори за подобра инфраструктура, нови зелени површини, реална поддршка на локалната економија и отвореност на општините кон граѓаните, особено кон младите луѓе. Нашата политика е политика на резултати, а не на изговори. Имаме искуство, имаме знаење, имаме кадар, потребна ни е поддршката на граѓаните за конечно да започнеме вистински да се занимаваме со решавање на проблемите. Гласот на нашите кандидати е глас на народот во Советите. Глас на разумот, а не на инаетење заради политички пресметки од кои на крај губат граѓаните, а тоа најубаво го видовме во примерот со Скопје.

6. За крај, која е Вашата порака до граѓаните пред неделните избори?

Во недела, на 19 октомври, имаме вистинска можност да промениме нешто. Таа промена треба да значи чесна, современа и одговорна локална власт. Ги повикувам сите граѓани на Македонија на кои им е смачено од поделби на лево и десно, на кои им е смачено да добиваат „на лажиче“ од оние кои ги полнат џебовите на нивни грб, им е смачено да се чувствуваат мизерно, да не седат дома, да излезат и да гласаат за својата општина, за својата иднина и за тимови кои што навистина ќе работат за нив. Барам поддршка за кандидатите на ЛДП како дел од коалицијата „Искуство за успех“, затоа што гласот за нас е глас за Македонија со развиени општини. Имаме вистинска шанса пред нас да ги промениме работите, да не дозволиме друг да ни одлучува за нас.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Зајкова: 102 молкa, еден живот помалку – електронска нараквица за сторителите на насилство

Зајкова: Жичарницата на Водно работела без дозвола додека превезувала деца и туристи, кој ќе одговара за пропустот?

Зајкова: Ако некој пратеник мисли дека банките му се поважни од народот, нека излезе и нека каже: „Гласав за банките, а не за народот”

Горан Наумовски

Зајкова: Единствена позиција за претстојниот НАТО самит и изработка на стратегија за инвестирање во домашната одбранбена индустрија

Зајкова од Брисел: Либералите од Европа со целосна поддршка за европскиот пат на Македонија

Зајкова: Да ги заштитиме жените и жртвите на семејно насилство, а не да санираме ненадоместливи штети