Градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев денеска ја имаше првата средба со општинската администрација и новинарите. Захариев најави проекти кои што Штип ќе го направат поубав град, а на граѓаните ќе им се решат проблемите во населбите. Што се однесува за изградбата на платформите на реката Отиња, каде што во моментов нема градежни активности рече дека веќе утре ќе ја има првата средба со бугарската фирма „Кибилд“.
– Со претставниците на фирмата, одговорните во општината за реализација на проектот утре ќе имаме средба на која заеднички ќе ги видиме роковите за изградба на платформите и уредување на коритото на река Отиња, рече Захариев.
Тој истакна дека приоритети ќе му бидат булеварското решение на „Партизанска“ влезот и излезот на Железничка каде што треба да се изгради пешачка патека за студентите, превоз за жителите од руралните средини, изградба на патишта, меѓу кои и кон езерото Мантово, каде што веќе е почната изградбата, а денеска на општинската администрација им ја испрати пораката дека од нив бара ефикасност.
– Дефиниравме работни задолженија, кои што треба да бидат завршени, затоа што во текот на неделата ќе ги поминам сите канцеларии, ќе ги посетам да видам дали е постапено по она што е договорено. Сакам ефикасна администрација, сакам одговорна администрација, сакам посветена администрација и сакам администрацијата да биде во функција на граѓаните и да бидат слуги на граѓаните. Сите предмети кои се пристигнати до 31 декември 2012 година да ми достават список и образложение зошто не се сработени, рече Захариев.
Тој забележа дека штипскиот буџет е скромен, но ќе се бара начини за финансирање на проекти. Тој најави дека автомобилот, што треба да го добие како донација, ќе го донира на монасите во Лесновскиот манастир.