Загадување: Честички милион – акција нула

Од:

Загадувањето на воздухот изминатите неколку дена е на многу високо ниво. Во Скопје, Тетово, Битола и во Велес, каде нивото на канцерогените ПМ10-честички е високо над дозволеното, граѓаните цела зима дишат отров. Вчера Градот Скопје издаде мерки од прв степен (препораки), кои треба да се преземат за да се намали загадувањето.

Еколошите здруженија велат дека загадувањето најмногу доаѓа од сообраќајот, загревањето во домовите, индустријата и од други помали загадувачи. Дополнително негативно влијание имаат климатските фактори, градежните работи, лошите сообраќајни решенија и местоположбата на градовите.

Методија Саздов, претседател на еколошката организација „Македонски зелен центар“, вели дека кога луѓето и институциите не го даваат максимумот во напорот за намалување на загадувањето, не може да очекуваме дека загадувањето ќе го снема.

– Проблемот кај граѓаните е тоа што не сакаме да се разделиме од комфорот (автомобил, топли станови), ама не сакаме ниту да бидеме пример за другите во намалување на загадувањето. Кај институциите проблемот е што мерките сè уште не се спроведуваат во целост поради социјалниот момент и поради стравот да не создадат револт кај граѓаните поради намалување на нивниот комфор. Кога ни едните ни другите не го даваат максимумот во напорот за намалување на загадувањето, не може да очекуваме дека загадувањето туку-така ќе го снема – вели Саздов.

Тој смета дека граѓанските организации, експертите и политичарите треба да седнат и да подготват план на кој ќе работат цела година за да може се сменат навиките и следната зима да има намалено загадување, бидејќи сега, што и да се направи, нема да има брз ефект.

Дел од активностите што ги предлагаат од „Македонски зелен центар“ се исклучување на автомобилите од централното градско подрачје, редовна контрола на индустриското загадување и ригорозни санкции доколу тоа се надмине, гасификација на градовите, брзи ленти за автобуси, користење велосипеди како средство за превоз, масовна кампања за користење јавен превоз, забрана за градежни работи во зимскиот период, масовно зголемување на бројот на зелени површини во централното градско подрачје, како и користење обновливи извори на енергија.

Според нив, многу е важно медиумите да се вклучат во бесплатна кампања за едукација на населението и во промоција на начини и методи за намалување на загадувањето и зачувување на здравјето при големо загадување.

Горан Пинза од здружението „За нас се работи“ од Битола вели дека по нивната битка за почист воздух, ќе следуваат и испитувања на почвата и на водата во Битолско.

– Нашиот прв и најголем чекор беше поднесување иницијатива до Советот на Општината, за прашањето поврзано со квалитетот на воздухот да влезе во процедура, но не како прашање поставено од некој од советниците, туку како прашање на една граѓанска иницијатива – вели Пинза.

Меѓутоа, едногласно прифатените и изгласани барања на здружението од страна на Советот не помогнале, туку, како што велат неговите членови, надлежните во Општината и понатаму останале глуви на донесените одлуки и не излегле со конкретни одговори.

Здружението одржа неколку протести на кои по неколку илјади битолчани маршираа по Широк сокак, барајќи си го правото на чист воздух, но подржувачите на здружението велат дека добивале и притисоци од власта.

– За жал, одредени надлежни во разни јавни претпријатија и установи, се чини, како да дишат некој друг, чист и незагаден воздух, па со закани и со условувања им го ускратуваат правото на своите подредени. Правото да се изборат за здрава животна средина – вели Пинза.

Од здружението на крајот на декември ангажирале приватна лабораторија да го мери квалитетот на воздухот во строгиот центар на Битола. Мерењето завршило на Божик, а до крајот на овој месец битолчани ќе имаат јасна слика за тоа кој е примарниот загадувач.

– По добивањето на резултатите, ќе ги објавиме во јавноста, а од градоначалникот Талески ќе побараме експресно реагирање на инспекторите, да излезат на терен и да ги лоцираат загадувачите. Доколку се открие дека загадувањето доаѓа од домаќинствата или сообраќајот, во тој случај ќе бараме предлог-мерки, краткорочни решенија за почеток, кои ќе се спроведат на територијата на Битола, бидејќи ситуацијата од ден на ден е повеќе од алармантна – вели Пинза.

Од Општина Тетово велат дека бројот на еколошките инспектори од два е зголемен на шест и дека наскоро ќе се промовира телефонска линија и веб-апликација за пријавување случаи на кршење на законот за животна средина од физички и правни лица.

– Во буџетот на Општината за 2015 година е предвидена набавка на натрум ацетат за миење на градските улици. Општина Тетово ја повикува Владата да ја преиспита одлуката за дозвола на фабриката „Југохром“ да работи две години без заштитните филтри затоа што таа е најголемиот загадувач на воздухот во Полошкиот регион – велат од Општина Тетово.

Мета

Би можело да ве интересира

Бремените и старите нема да одат на работа, ама учениците ќе се гушат

Емир Латифовиќ

Не ни треба евакуација на населението, туку чист воздух!

Емир Латифовиќ

Загадувањето убива, за трипати зголемени повиците во Брза помош

Емир Латифовиќ

Аерозагадување во Скопје, Кичево, Тетово, Кавадарци и Велес

Емир Латифовиќ

Мемет: Не е констарирано зголемо загадување од фабриките

Емир Латифовиќ

Загаден воздухот во Скопје, Тетово, Битола и Кавадарци

Емир Латифовиќ