Лидерот на СДСМ Зоран Заев, на прес-конференција, кажа дека доказите што ги поседува се од службите кои се под контрола на премиерот Никола Груевски, а не од странски разузнавачки служби, како што обвини претходно премиерот.
Во продолжение изјавата на Заев:
Ова што се случи денес, е дрзок обид на власта да го спречи објавувањето на сето она што го прават токму тие, а претставува доказ за газење на Уставот и законите во Република Македонија, токму од страна на Никола Груевски и неколку поединци околу него.
Никола Груевски со заканата за судски процес против мене, нема да го спречи објавувањето на доказите, за тоа што оваа власт и го прави на Република Македонија.
Никола Груевски и неколку поединци околу него и нивните партиски тајни служби, во изминативе години на власт следеле илјадници граѓани на Република Македонија, нарушувајки ја нивната приватност и професионален ангажман!
Илјадници граѓани во оваа наша татковина!
Доказите и аргументите за незаконските и неуставните активности на власта, сиве години наназад, се добиени од загрижени граѓани за слободата и демократијата во Република Македонија.
Вистината е дека доказите што ги поседуваме, се добиени од службите во Република Македонија под контрола на Груевски и неколку поединци околу него, што е уште еден доказ дека системот на контрола на ВМРО-ДПМНЕ се распаѓа. Во Македонија има чесни и одговорни луѓе кои си ја сакаат сопствената земја. Патриоти, граѓани на оваа земја!
Лага е тоа што го вели Груевски, дека сум го уценувал. Јас никогаш никого, ниту сум уценувал, ниту ќе уценувам. На Никола Груевски јасно и прецизно му кажав дека поседуваме докази за неговото криминално владеење, а на цела Македонија и ветив дека никој нема право вистината да ја сокрие од граѓаните на нашата татковина.
Вечерва повторно ви ветувам, вистината ќе се дознае од почеток до крај!
Ниту јас, ниту СДСМ, ниту некој од опозицијата ги крши Уставот и законите во Република Македонија. Уставот и законите ги крши власта на Никола Груевски и поединци околу него.
И затоа една порака и до членовите и симпатизерите и на ВМРО ДПМНЕ. Не брзајте, узурпирана ви е и партијата! Не брзајте, за поединци се работи! И сите вие сте таргет помеѓу илјадниците граѓани!
Во периодот што следува, јавноста ќе биде запознаена со сите докази што ги имаме. Ќе им покажеме на граѓаните како власта ја уништува Македонија.
Почитувани граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, ова не е само моја битка, ова е наша и заедничка одговорност да ја ослободиме Македонија од ова што и се случува.
Поради тоа што постои целосна спрега помеѓу МВР, обвинителството и судството, ја повикуваме меѓународната заедница внимателно да го следи и соодветно да реагира во целиот процес, поради тоа што се работи за слободата и демократијата на земја членка на Обедниетите нации и земја кандидатка за членство во ЕУ.
Почитувани граѓани,
Ова е почеток на враќањето на слободата и демократијата во Република Македонија. Затоа, радувајте се… Храброст и решителност кај нас недвосмислено постои, но ни требаат и храбри и решителни граѓани, кои ќе се придружат во името на иднината на оваа наша земја.
Ве повикувам, внимателно да следите што тоа објавуваме и сите заедно да се избориме оваа власт да замине во историјата.
Од денеска испишуваме нова страница за иднината на Република Македонија, а таа Македонија мора да биде држава на граѓани кои ќе живеат во слобода и демократија и никако поинаку.
Слободата и демократијата мораме повторно да ги вратиме во нашата земја!