Адвокатите на Зоран Заев на почетокот на денешното рочиштето за „Поткуп“ побараа од судот јавноста да присуствува на гледањето на снимките како доказ, бидејќи според нив снимките кои беа објавени на „јутјуб“ биле нецелосни.
Обвинителите од СЈО се против ова барање. Обвинителката од СЈО Валентина Бислимовска кажа дека станува збор за класифицирани материјали, што се декласифицирани само за судењето.
И Заев побара да биде вклучена јавноста за, како што рече, да си поврати дел од изгубената чест.
Советот на судии се повлече за да донесе одлука по барањето на одбраната.
Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.
Сведокот Сачевалиев денеска требаше да даде исказ, но не е дојден на рочиштето. Тој не присуствуваше и на претходното рочиште на 6 март, бидејќи не бил уредно поканет.
Заев на претходното рочиште, на 6 март, рече дека не се чувствува виновен и оти е убеден дека во судската постапката ќе се разобличи обвинението против него конструирано во периодот кога беше лидер на опозицијата.
Заев рече и дека преку снимката која не била целосно прикажана во јавноста, ќе се докаже дека тој апсолутно немал намера да прими поткуп. Го замоли Судот да овозможи пристап на јавноста во сите докази кои ќе бидат приложени на рочишата и што е можно побрзо да се закажуваат судските рочишта.
Судијата Дарко Тодоровски одлучи снимките прикажани на Јутуб да бидат прифатени како доказ.