(ВИДЕО) Заев: Ќе одговараат сите кои предизвикуваат пожари, ќе се обновува шумата околу езерото „Младост“

Од:

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во придружба на претставниците на сите засегнати институции кои беа вклучени во акцијата за гасење на опожарената локација околу езерото Младост и селото Отовица, во близина на Велес, денеска го посетија опожареното место.

Пред посетата на локацијата, премиерот Заев се задржа во кус разговор со градоначалникот на општина Велес Аце Коцевски, командирот на територијалната противпожарна единица Велес Љупчо Лепидовски, со претставниците на локалната единица на Дирекцијата за заштита и спасување, на СВР Велес, на Јавното претпријатие Дервен и Шумското стопанство Бабуна, на Црвениот крст и на Армијата на Република Северна Македонија, како и со Агрон Буџаку, директорот на Центарот за управување со кризи, со командантот на противпожарна бригада Скопје и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, со кои разговараа за искуствата, за координација и заедничка поддршка во вакви ситуации.

Во изјавата за медиумите, која следуваше по обиколката и увидот на опожарената локација и во близина на езерото Младост, премиерот Заев рече дека се тажни сцените на теренот, и дека тој ја споделува тагата и загриженоста со граѓаните кои завчера за време огнената стихија беа соочени со опасноста да им бидат загрозени здравјето, животот, имотите, но и спомените.

„Сочувствувам со велешани кои за неколку часа изгубија едно од нивните омилени излетнички и рекреативни места. Дотолку повеќе е поинтензивен и гневот што го чувствувам зашто во овој случај е сосема јасно дека ова се случи од човечка небрежност и неодговорност. Мојата порака кон сите кои имаат каква било идеја да потпалуваат и да горат човечки судбини, е дека ќе одговараат. Нема да има толеранција за оние кои уништиле нешто што природата и добронамерните луѓе го негувале со децении. Нула толеранција како лекција и како превенција за сите што си играат со огнот и со судбината на луѓето и на животната средина“, потенцираше премиерот Заев.

Тој упати посебна и голема благодарност до пожарникарите од Велес, како и на нивните колеги од Скопје, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Прилеп, Штип и Свети Николе, како и за припадниците на Армијата на Северна Македонија и на припадниците на Министерството за внатрешни работи за нивниот придонес, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, ЈП Македонски шуми, и особено за сите волонтери, кои десетици часови без да ги штедат своето здравје и животите, спречија поголема катастрофа.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Заев, рече дека штетите и последиците се големи и долгорочни, и дека затоа сме должни да извлечеме и некои поуки.

„После вакви катастрофи, локалните самоуправи ќе мора да ги менуваат приоритетите. На врвот мора да бидат безбедноста и здравјето на граѓаните и животната средина. Владата ќе продолжи да го поддржува јакнењето на капацитетите на општините, а тие ќе треба да им посветат повеќе внимание на противпожарните бригади и на другите сегменти за превенција од кризи“, истакна премиерот Заев.

Во завршницата на својата изјава за медиумите, премиерот Заев испрати порака дека шумскиот појас околу езерото Младост и секаде каде што пожарните јазици оставија пустош, ќе биде обновен, ќе никнат нови дрва.

„Ќе расте нов живот. Ќе живее Младост во Велес. Децениите за ревитализација ќе ги претвориме во години. Општина Велес, Владата и ЈП „Национални шуми” ќе спроведат брз и координиран план за масовно пошумување. Ќе спроведеме максимални напори за вонредно пошумување со адекватни видови садници, со што оваа територија ќе ја има повторно функцијата на шума со сите еколошки параметри неопходни за здрава животна средина. Ќе издвоиме од Буџетот средства за обезбедување садници“, нагласи претседателот на Владата Заев, и додаде дека велешани, скопјани и сите граѓани на нашата земја, повторно ќе доаѓаат на своето омилено излетничко место, и додаде дека Владата, заеднички со Светска Банка и ЕУ, ќе продолжат со реализација на проектот за развој на туризмот на локалитетот езеро Младост, вклучително и цевководно поврзување на локалитетот Велешко езеро со браната Лисиче за наводнување на целиот овој регион.

Би можело да ве интересира

Советници во општина Велес од свој џеб купиле стакло за масата за венчавки во матичното

Орце Костов

Влада: Одлука за кадровското решение во ЦУК на наредната седница

Студентите и вработените на ФИНКИ на протест пред Владата

Зошто се одложува изборот на нов универзален снабдувач на струја за домаќинствата?

А1он

Тошковски за поништувањето на неговите наредби: Во влада се тотално неинформирани, како не им е срам

Орце Костов

Џафери за новите автомобили: Лизингот е поевтино решение, ако останат во Владата одржувањето ќе биде скапо

Орце Костов