Знаете дека СДСМ долго години се бори против задолжувањето и против овој вртлок на континуирано задолжување, а сепак одобри заменикот министер со право на вето 250 милиони евра од проектираните 500 милиони евра од еврообврзницата, секако и дополнителни 20 милиони евра заради бегалската криза којшто треба да имат функција на резерва. Не чекаа да поминат и неколку дена и побараа ново задолжување од 100 милиони евра.
Апсолутно на сите им е јасно дека трендот и традицијата на ВМРО за купување на гласови, најчесто индиректно е истата намера која постои и ден денеска. Ќе ги повторам зборовите на Зоран Ставревски, секако со овие 250 милиони евра се обезбедени плати и пензии и сите неопходни трошоци. Тоа беше од негова уста изговорено и тоа е така. Прашањето е што преку можностите со внатрешно задолжување од овие 100 милиони буквално на трендот на враќање долговите и редовоното сервисирање на обврските само премостуваат период што ќе имаат 100 милиони евра нови за индиректно купување на гласови. Една од потребите за техничка влада или преодна влада беше токму тоа, да не се дозволи изборни манипулации за купување на гласови. Дека е сериозно државотворно посветен СДСМ, и кога е технички е присутен во Владата, покажува одобрението од 250 милиони евра. Но, нема да дозволиме ниту мал процент на зголемување на динамиките на плаќање исклучиво заради индиректно купување на гласови, ние сме токму тоа, тука, да го направиме во заштита на слободна изразена волја на граѓаните, одговори Зоран Заев на новинарско прашање.
Во продолжение останатите прашања и одговори од денешната прес конференција:
П2: Дали и заменик министерот Кире Наумов има пристап до документите и информациите до министерот за финансии за да дознае колку е реалната дупка во буџетот?
Согласно новиот Закон за влада, пристап до сите акти и документи има и дополнителниот заменик министер. Информациите се чекат да стигнат кај него, писмата се испратени и секоја добиена информација на најтранспарентен начин ќе ја споделиме со граѓаните. Но, досега информациите ни укажаа дека не смееме и не е државотворно дозволиво да ставиме вето на сите 500 милиони евра. Затоа нормално и сериозно влеговме внатре и видовме дека 250 милиони евра е насушна потреба ако не сакаме да го загрозиме тековноте функционирање на Република Македонија. Но, 251 милион,1 милион е веќе потенцијално изборно коруптивен. Затоа нема да дозволиме динамиките на плаќање да опаднат, но нема да дозволиме ни да се покачат заради тоа што со покачувањето, тоа значи купување на гласови.
П3: Како ја коментирате изјавата на Кире Наумов за намалување на бројот на министерства и агенции и дали тоа значи намалување на државната администрација?
Она што веќе излегува од нашата програма којашто сеуште е на дебата ќе биде завршена на конгресот на 13ти декември. Дел од решенијата значат рационализација на непродуктивните трошења. Тоа што денес ќе го сугерирам кон Никола Груевски е веднаш да престане со непродуктивните трошења и да не загрози плати и пензии и редовно финансирање на сите обврски на државата. Едно од решенијата е токму тоа, коешто СДСМ ќе го вети пред граѓаните, се разбира доколку Конгресот тоа го усвои и остане во конечниот документ, но она што го приложивме од дебатата е 123 пратенички места да ги намалиме на 90. Вкупно од 26 ресори во Владата да паднат на 20. Делот на јавната администрација многу често е коментиран. Ние нема да бркаме јавна администрација, но ќе ја направиме максимално ефикасна, професионална и одоговорна. Она што значи трупање на партиски активисти во администрацијата ќе значи давање фер шанси да бидат од корисен карактер за државата, па макар биле административни асистенти на приватниот сектор во поглед на нивните административни пречки што ги имаат во секојдневното работење, но да има ползa oд секој што зима плата од државата и да биде навистина сервис од народни пари од сите нас граѓаните и секој административец да ја извршува чесно и одговорно својата задача.
П4: Кажавте дека нападите од Куманово ги споредувате со нападите во Париз. Непосредно по случувањата во Диво Насеље кажавте дека структурите на власти се одговорни. Дали го менувате ставот околу кумановско?
До денес тврдам дека тоа е организирано сценарио од структурите на власта. Натамошната истрага ќе ги докаже сите овие работи. Впрочем слушнавме јавно обелоденети снимки од некои вработени од Агенција за разузнавање како разговараат со тие луѓе. Господинот Ахмети имаше јавно признание при гостување дека еден од неговите активисти Дураку непосредно пред тоа бил испратен да разговара. Еве ви веќе доволни конекции на власта со токму овие бандитски структури кои беа присутни во Куманово. Ако новите докази покажуваат дека некој од нив биле во Сирија, тоа не значи дека Заев го менува ставот. Поентата на целата дебата беше дека е пропулзивна, податлива секоја земја кога се вака тензични работите кога се работи за ваков терористички бандитски криминален акт. Тоа беше самата таа поента. Новите информации кои од истрагата се веќе достапни до јавност покажуваат дека неколку луѓе имаат свое минато во Сирија, но тоа воопшто не е спротивно со претходните ставови за поврзаност на власта со овие структури кои беа во Куманово поради кои животите ги загубија 8 припадници на безбедносните служби.
П5: Господине Заев, во врска со законот за медиуми има бројни реакции на новинарските здруженија по предлогот за измени кој што беше објавен во медиумите. Сакам да прашам од кои земји ги црпевте искуствата при изготвувањето на овој предлог и ме интересира уште значи дали сте подготвени како партија да прифатите еден од законите на било која од земјите во Европската Унија и истиот да биде изгласан и имплементиран во Македонија?
Сето тоа што ќе доведе до максимално одговорно, транспарентно, чесно и пред се професионално однесување на медиумите, а е пракса во некоја меѓународна заедница секако дека е прифатливо за нас. Сите знаете дека забегана е работата во Македонија во поглед на медиумскиот простор. Ние денеска разговараме за важен аспект на општественото живеење заради рефлексијата врз изборите, но сите знаеме пред се и вие новинарите и вашите колеги дека не ни чинат работите во Македонија. Тригерот на ова криза е одлична можност да ги вратиме во нормала состојбите во државата. Новинарите да имаат фер шанса да работат професионално, етички и законски, а гледачите и конзументите на вашиот продукт секогаш да добијат фер шанса сами да расудуват. Нашата намера во преговорите е да добиеме независни медиуми кои што ќе ги почитуват и етичките кодекси и законските решенија.
П6: Како ја коментирате изјавата на лидерот на ЗНМ Насер Селмани кон вас дека вие не сте сакале слобода и демокртатија во медиумите?
Ние сме целосно водачи во борбата за слобода и демокртатија во општеството така и во медиумскиот простор, кој што е еден од најнасушно поврзаните аспекти на живеењето на граѓаните. Овој став кој што ние го имаме официјално денеска и ќе биде соопштен преку изјава, којашто нашите претставници во работната група во клубот на пратеници ќе ја дадат и еве ја најавувам ако веќе не сте поканети сите. Ние сме за целосна транспарентност на процесот на дебатирање во делот на она што се однесува за медиумите, но секако ние сме само една од четирите партии којашто е таму присутна и воопшто нашиот став денеска ќе биде соопштен од луѓето кои што се наши претставници на СДСМ и коалиционите партнери токму таму. Не можеме да се бориме за транспарентност на сите аспекти на општественото живеење, а во делот на медиумите да немаме такви исти ставови. Затоа денеска ставот јасно и гласно ќе биде соопштен за да нема повеќе дилеми околу нашата поставеност за учество на медиумите во дебатата за измените и дополнувањата на законите што се однесуваат на медиумите.
П7: Како очекувате да се развиваат работите околу најавеното задолжување за утре од 100 милиони евра. Нели ДИК треба да го расправа, кои се вашите информации, значи дали денеска ќе заседава ДИК, дали утре ќе се оди со намален износ, ќе се оди на аукции на државни хартии од вредност, тоа ми е првото прашање и второто прашање според вашите информации преку дополнителниот заменик министер кога би требало да стигнат средствата од евро обврзницата, бидејќи нели имаше информации дека додека се чека да станат оперативни на сметка може да настане тој вакум простор па да нема за редовни исплати во буџетот?
Административните процедури се стандардните процедури при секое емитување на евро обврзница и тие административни процедури се од неколку дена и апсолутно верувам дека токму тие административни процедури и овој пат ќе бидат потврдени и целата постапка процедурално ќе биде завршена во делот на парите кој што се приход на Македонија од емитување на евро обврзницата. Јас не сум правник, но она што го знам дека одлучувањето во ДИК на дадено вето од страна на дополнителен заменик министер треба да биде поврзано со новата структура, новиот состав и новиот начин на одлучување и законската надлежност над новата државна изборна комисија, а не на оваа старата која што впрочем заради нејзината политичка определба при одлучувањето, а не законитоста беше основен мотив за промена и на надлежностите и на составот на ДИК, но секако правниците ќе толкуваат дали треба тоа сегашниот состав или новиот состав да го одлучува. Едно е јасно не може да има вето кога се работи за задолжување на меѓународен план, а истото тоа вето да не важи кога се работи за задолжување пред домашните банки или домашниот пазар. Многу едноставно и логично не мора да бидете правник за тоа да го сфатите. Уште еднаш потенцирам не водиме никаков инает, доказ за тоа се 250-те милиони евра кои што се одобрени со потпис на Кире Наумов. Ние сме овде секако пред се за државата, но нема да дозволиме државата предводена од оваа влада уште еднаш да ги повтори истите работи што ги правела пред сите избори, а тоа е да обезбеди огромни милиони евра коишто ќе ги вбризга во општеството се со конечна цел купување гласови.
П8: Дали тоа значи дека утре нема да се одржат аукциите се додека не се формира новата ДИК?
– Правно формално не би требало да има ново задолжување без одобрение од дополнителниот заменик министер со право на вето.