ВИДЕО: Заев го повика граѓанскиот сектор да се приклучи во нудење решенија во овие историски моменти

Од:

Граѓанскиот сектор активно учествува во реформските промени со кои ја поставивме и ја движиме Република Македонија стабилно на патот на Европската унија на НАТО. Вашето теренско (грас-рут) искуство, долгогодишната работа, анализите за клучни состојби во државата и од директен интерес за граѓаните на Република Македонија, помогнаа кога го создадовме реформскиот План 3-6-9.

Ова го порача премиерот Зоран Заев на тематскиот форум „Една година влада – осврт на граѓанските организации кон досегашните постигнувања и идни очекувања“, на кој учествуваше заедно со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, со претставници на Цивика мобилитас во која членуваат околу двесте грантисти, како и пред претставници на донаторите на проектот, Швајцарската агенција за развој и соработка на Шведскиот институт за јавна администрација.

Тој посочи дека со голем дел од нив соработката е интензивна и се обврза дека граѓанскиот сектор останува активен дел и од практикувањето на политиките на Владата и од носењето промени на сите нивоа.

Тој оцени дека во општеството веќе е постигната свест, дека невладиниот сектор и граѓанските организации се една од најважните алки меѓу граѓаните и системот.

– Власта никако не би смеела да се подразбира како моќ, туку како дадена доверба од граѓаните и должност кон граѓаните, додаде премиерот Заев и посочи на направеното развластување кон граѓаните и кон општините.

Ги повика да учествуваат, да се приклучат во овие историски моменти.

– Потребно ми е и мене како премиер и на Владата, да продолжиме со активната, двонасочна отвореност и соработка и да дадете поддршка како граѓанско општество за економски развој и просперитет на Република Македонија. Вашата проактивност во нудење на решенија е клучна. Можни се, достижни се и датум за ЕУ и покана за НАТО, рече премиерот.

Тој додаде дека Република Македонија никогаш не била поблиску до изнаоѓање достоинствено решение на спорот со Република Грција кое истовремено ќе го зачува и зајакне нашиот идентитет.

Постои, истакна, можност за такво решение за кое последниот збор ќе го имаат граѓаните на Македонија, на референдум и изрази подготвеност за државата повторно да покаже лидерство за заедничко добро на сите граѓани, за напредок и за развој на држава, сочувувајки го дигнитетот, идентитетот и суверенитетот на нашите граѓани и нашата држава.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски се осврна на реформите што во изминатата година се направени во медиумската сфера и во јавната администрација.

– Измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што се резултат на долга дебата во која беа вклучени сите засегнати страни, во моментов е дел од собраниска процедура. Клучна е улогата на медиумските работници кои мора да го кренат гласот и да придонесат кон конечно усвојување на законот што е и нивен предлог. Владата ги поддржува реформите во медиумската сфера, што произлегуваат од медиумските здруженија, граѓанските организации, новинарите и сите засегнати страни, а се надеваме дека во овие заложби ќе се вклучи и опозицијата, за да може законот да помине во Собранието, рече Манчевски.

Во делот на јавната администрација, министерот Манчевски посочи на дигитализацијата на услугите, што овозможува брзи, ефикасни, поевтини услуги за граѓаните.

– Преку порталот за е-услуги, со воспоставувањето централизиран шалтерски систем и една точка за услуги, со дигитализацијата на повеќе од 50 услуги што се најчесто барани од граѓаните, ние ги носиме услугите до граѓаните. Најважен за граѓаните е квалитетот на услугите што ги добиваат, а ние ќе целиме кон ефикасна администрација, додаде Манчевски.

На средбата се обрати и Стефан Томаџан, заменик амбасадор на Швајцарија во Република Македонија кој ги поздрави активностите на Владата на Македонија во вклучувањето на граѓанското општество во градењето политики.

Тој рече дека тоа е швајцарски модел за успешно граѓанско општество што дава резултати, а присуството на премиерот Заев и на министерот Манчевски на Форумот е потврда за определбите на оваа Влада да гради успешно граѓанско општество.

Граѓанскиот сектор во дебатата добија уверување од премиерот Заев и од министерот Манчевски дека оваа Влада е подготвена финансиски да ги поддржи граѓанските организации со средства од Буџетот. Најави и дека претставници на граѓанскиот сектор ќе учествуваат во подготовката и имплементацијата на Планот 18, како што беа земени предвид нивните сугестии во Планот 3-6-9.

Од страна на претставниците на Цивика Мобилитас, на тематскиот Форум, изразена е поддршка за отвореноста на Владата кон институционална интеграција на граѓанскиот сектор во носењето и реализацијата на политиките.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Владата го усвои Предлог законот за соодветна и правична застапеност

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ и партнерите ќе одбележат една година власт пред платото на Владата

ВЛЕН: Следната недела се затвора историска рана, ќе биде донесен законот за правична застапеност на Албанците

Владата ја усвои новата Стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Ребалансот на буџетот треба да биде на владина седница најверојатно во четврток

Повредените и семејствата на починатите во трагедијата во Кочани не се сами, порача Владата