Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата се одвива во зимски услови. Како што информира ЈП „Македонија пат“, на повисоките места во западните и југозападните делови коловозите се влажни, наместа со остатоци од кашест снег.
Се препорачува поголема внимателност на патните правци Дебар – Струга, Маврово – Дебар, Катланово – Велес и Демир Капија – Удово каде има почеста појава на одрони кои може да го попречат движењето на возачите.
Врнежи од снег во утринските часови се бележат на Попова Шапка, Маврово, Прилеп, Охрид, Струга, Ресен, Крушево, Стража, Буково, Ѓавато, Плетвар, Пресека и Железнец.
Утрово се воведени забрани за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Маврово – Дебар, на планинскиот премин Буково и на патниот правец Ресен-Битола преку Ѓавато. Забрана за тешки товарни возила е воведена и попладнево во 12:30, на патниот правец Гостивар-Кичево преку планинскиот премин Стража.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолготрајни задржувања за влез и за излез од државата.
ЈП „Македонија пат“ ги потсетува возачите дека законската обврска за поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, трае до 15 март 2013.