Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска ја одржа првата седница на Координативно тело на градоначалници, нагласувајќи дека по повеќе од три години во главниот град повторно се воспоставува редовна и функционална меѓуопштинска координација. На прес-конференцијата тој говореше за плановите за подобрување на соработката, актуелните инфраструктурни и финансиски состојби, како и за низа прашања поврзани со јавниот превоз, комуналната хигиена и проектот „Луна парк“.
Како што посочи Ѓорѓиевски, соработката меѓу општините и градската администрација во изминатиот период била на исклучително ниско ниво, затоа, нагласи, ваквите состаноци со скопските градоначалници ќе бидат пракса во иднина и ќе се случуваат еднаш во 40 дена. Во врска со состојбите во Град Скопје, Ѓорѓиевски посочи дека наследил лоша финансиска состојба и целосна нефункционалност на јавните претпријатија, но, како што рече, состојбите полека се нормализираат. Консолидирани се состојбите, нагласи во претпријатијата кои со месеци немаа земено плата, како што се Паркови и зеленило и Комунална хигиена.
– Го решивме проблемот со хаосот којшто беше предизвикан од нефункционалноста на ЈП Комунална хигиена и ЈП Паркови и зеленило. Веќе се консолидирани со состојбите таму, имаат и здравствено и пензиско осигурување исплатено. Поради буџетските ставки до Нова година нема да можеме да им исплатиме две плати одеднаш, но во јануари ќе направиме целосно порамнување и таму. Тоа значи дека полека, но сигурно ги решаваме состојбите состојбата е нормализирана. Нема повеќе со часови чекање автобуси како што тоа беше случај во минатото. На многу од позициите во главниот град каде што имаше диви депонии, веќе се работи, на дел од нив депониите веќе се исчистени, особено на оние микролокации во општините, каде што помогнаа сите колеги градоначалници, посочи Ѓорѓиевски.
Се осврна и на проектите кои во предизборната кампања ги вети пред граѓаните, а кои, како што рече, ќе значат решавање на сообраќајниот хаос во главниот град. За дел од нив, рече, веќе е отпочнат процес на тендерски постапки. Ѓорѓиевски нагласи дека во текот на наредната недела ќе биде распишана тендерска постапка за Луна паркот, којшто, како што рече, Скопје го очекува со години.
– Јас го поминав детството без да имам можност да го видам Луна паркот, а и најголем дел од моите колеги. Децата наши пораснаа, децата ваши пораснаа, децата на Скопје пораснаа, неколку генерации без да имаат таква можност. Го должиме тоа на нашите сограѓани. Ако не го направиле тоа претходните генерации, ние сме генерацијата која треба да го направи. Верувам дека, онака како што ветив, до јуни 2027 година Скопје ќе има функционален Луна парк … Некаде во текот на наредната недела конечно ќе биде распишана и тендерската постапка за Луна паркот. Таму ќе поминуваат време нашите деца, мора да биде изработено по највисоки стандарди. Верувам дека за брзо ќе започнат градежните активности кои конечно ќе дадат нов лик на тој дел од градот, рече Ѓорѓиевски.
Во врска со проектот за воведување на БРТ систем во главниот град, Ѓорѓиевски нагласи дека се работи за „сериозно добар проект“ и дека по низа состаноци со претставници на Владата, вклучително и премиерот Христијан Мицкоски, процесот е веќе одблокиран. – Се надевам дека веќе следната година ќе распишеме постапка и ќе започнеме со реализација, рече Ѓорѓиевски.
Изминатиот период, истакна, остварил интензивни средби со претставници во Брисел и како што рече, не постои повеќе опасност Скопје да го изгуби статусот за Европска престолнина на културата 2028 година.
– Сакам да информирам и за она што постоеше како опасност за губењето на статусот Скопје – Европска престолнина на културата. Имавме интензивни средби со претставници во Брисел. Сакам јавно да му се заблагодарам на еврокомесарот Рокас којшто помогна во целиот процес. Одблокирана е и таму постапката. „Тоа е брак кој не може практично да се раскине“, го цитирам еден од европските претставници кој го спомена тоа. Стабилизирана е состојбата поврзана со тоа прашање. Сè што беше на некој начин блокирано во минатото, се трудиме да го одблокираме, рече Ѓорѓиевски.
Во врска со сообраќајниот хаос, пак, Ѓорѓиевски рече дека не се решава преку ноќ, туку „тоа ќе биде процес кој ќе се решава во неколку фази“.
– Тоа подразбира нови клучки, нови булевари, проширување на постојните булевари, како Цветан Димов во Чаир, кој го планираме. Тоа подразбира нормализирање на состојбите со ЈСП Скопје, новите автобуси кои во текот на наредната година ги очекуваме, со поддршка од Владата. Тоа сериозно ќе влијае на подобрување на мирот во Скопје, но и на нормализирање на процесите во однос на движењето на нашите сограѓани, рече Ѓорѓиевски.
На новинарско прашање поврзано со дивоградбите, градоначалникот на Град Скопје рече дека не располага со градежна инспекција, затоа согласно надлежностите, отстранети се одредени тезги на плоштадот, како и одредени тобако објекти кои, како што рече, некој ги поставувал без никакво одобрение.
– Можете да забележите изминативе периоди дека сето она што беше грда слика на градот веќе се нормализира, а е поврзано со одредени тезги на плоштадот и со одредени објекти кои некој ги поставувал без никакво одобрение. Апелирам и до моите колеги секој да постапува и тука ќе имаат сериозна поддршка. Јас барам, и така е во законот, останувам на тоа, како градоначалник на Град Скопје да имам градежна инспекција и можност за постапување. До тогаш апелирам и ќе бидам логистичка поддршка, сериозна на моите колеги, со целата инфраструктура на Градот Скопје, со целата механизација на јавните претпријатија, да помогнеме, рече Ѓорѓиевски.
