Врачена наградата на ЕУ „Жан Моне“

Од:

Синиша Станковиќ за најдобар новинарски текст, Ѓорѓи Личовски за најдобра репортерска (профeсионална) фотографија и Виктор Поповски за најдобра аматерска фотографија се добитници на годинашната награда „Жан Моне“ што ја доделува Делегацијата на Европската унија.

Годинава имало дилеми во изборот поради квалитетни трудови, но одлуката била едногласна. Ја донесе жири предводено од Борис Дежуловиќ, новинар во хрвaтскиот неделник „Глобус“. За наградата за напис, која ја доби Станковиќ (за текстот „Житие по Трајан“), во најтесен избор бил и напис на новинарот Саше Димески.

– Двата ја сиблимираа приказната за нашето новинарство – од една страна имаа сјајно професионално обработена приказна, а од друга страна имаа целосна лична приказна, коментар, личен став кој не подлежи на класичните закони на професијата… Одлучивме оваа година наградата да му припадне на бунтовнички глас, на личен, цврст, храбар и независен став, рече Дежуловиќ, образложувајќи ја одлуката.

Додаде дека македонското новинарство ја дели судбината на сите мали, транзициски, ексјугословенски и балкански култури и новинарства.

– Оваа награда ја гледам како можност барем за мал чекор на новинарството и новинарите да им се врати општествената улога која некогаш ја имале и која треба да ја имаат. Слободата на медиумите и јасно критичко новинарство е предуслов за здраво општество… Новинарството е занает, а од друга страна е цврст, независен став. Во нашите новинарства од тие две работи недостигаат обете, рече претседателот на жирито.

Наградениот слободен (фриленсер) новинар Станковиќ се согласи дека на македонското новинарство му недостига личен став.

– Во последните десет години она што ми остана да пишувам на тој единствен начин – низ лична призма да се согледува она што го живееме и да се протестира против се она што не оддалечува од Европа. Во последните 15-ина години сум познат по жестоките критики на политиката на ЕУ кон Балканот и кон Македонија и тоа што денес ми ја даваат наградата покажува дека постојат стандарди. Тие стандарди би требало да ги прифатиме и ние, рече Станковиќ.

Наградите им ги врачи евроамбасадорот Аиво Орав, кој истакна дека Делегацијата на ЕУ верува оти наградата „Жан Моне“ придонесува за подобро разбирање на ЕУ и процесот на пристапување меѓу јавноста.

– Но можеби најголема е важноста дека наградата учествува во слободата на изразување. Тоа е многу важно за оваа земја, во регионот и насекаде во светот. Денот на човековите права што неодамна го одбележавме овде ги слави човечкото достоинство, слободата, демократија, квалитет, владеење на правото и почитување на човековите права, рече Орав.

Наградата за напис се доделува 12-ти пат за најдобри достигнувања во известувањето за прашања кои се однесуваат на ЕУ и пристапувањето на земјата во ЕУ, за извонредност во истражувачкото новинарство и известување за ЕУ. Од 2009 година се доделува и награда за најдобра професионална фотографија, а од 2012 за аматерска фотографија.

Наградата се состои од паричен износ (1.000 евра за напис и за професионална фотографија и 500 евра за аматерска фотографија) и статуетка. Оваа година е доделена и награда за идејно решение за статуетката на наградата „Жан Моне“, која ја доби Филип Ивановски, студент на Факлултетот за ликовни уметности.

Би можело да ве интересира

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени

Касами: Ќе работиме на решавање на билатералниот проблем со источниот сосед, за да го фатиме чекорот со Албанија кон ЕУ

Предраг Петровиќ

Мицкоски: За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш не благодарам

Горан Наумовски

Албанија на 15 октомври ќе ги започне преговорите со ЕУ по Кластерот 1

Борисов и Петков: Скопје да одлучи – внесување на Бугарите во Уставот или патот кон ЕУ ќе остане затворен

Главчев: Македонија едноставно треба да ги исполни барањата на ЕУ