Вработени во ТВ Нова со барање за стечај на телевизијата

Од:

43 вработени и поранешни вработени во Телевизија Нова покренaa претстечајна постапка за неисплатени 7 плати, од октомври наваму, дознава „Макфакс“. „Во моментот бараме законска заштита, но во интерес на процесот не би можеле да ви изнесеме повеќе детали. Се соочуваме со пречки и затворени врати, но сме одлучни во барањето за своите права. Досега неколкупати во Телевизија Нова се правеа состаноци каде што менаџментот ветуваше исплаќање на плати, но од октомври наваму немаме земено ниту денар“, велат дел од вработените за „Макфакс“.

Тие објаснуваат дека се соочуваат со притисоци да потпишат спогодбен отказ. Неколкумина колеги биле одјавени без воопшто да бидат известени. Според вработените, во ТВ Нова влегле инспектори на трудовата инспекција и Управата за јавни приходи. „Каде без плати, уште ние ќе плаќаме за да ја истераме правдата. Ќе одиме до крај за реализација на нашите права за плати и придонеси“. Велат дека тоа е уште еден пример од морето сопственици кои ги злоупотребуваат правата на вработените. „Време е државата да покаже дека ги штити работниците, не само на хартија, туку и на дело“, додаваат тие.

Пред приближно еден месец беше отворена претстечајна постапка за ТВ Нова. Стечајот го покрена кабелскиот оператор „Роби Телекабел“, како еден од доверителите. Од менаџментот тогаш тврдеа дека кабелскиот оператор Телекабел спроведува цензура. ТВ Нова на Телекабел,за пренос на сигналот годишно му плаќала по 50.000 евра. ТВ Нова веќе неколку месеци емитува стара програма. Десетина новинари одамна заминаа од телевизијата поради неисплатени плата за повеќе месеци. Сопственикот на телевизијата, Сеад Кочан, е обвинет во случајот „Труст“ на специјалното јавно обвинителство, за кого набрзо се очекува пресуда.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

Отворена претстечајна постапка за ТВ Нова

Ана Ололовска

Новинарите со кривична пријава против ТВ Нова

Ана Ололовска

ТВ Нова отпушта 35 вработени, наскоро нов бран отпуштања

А1он