Вработен во „Македонски шуми“ – Делчево ја злоупотребил службена положба издавајќи испратници и вршејќи жигосување на бесправно исечена дрвена маса, со што предизвикал материјална штета од околу 10.000 денари на жител од делчевско Ветрен.
Како што соопшти МВР, НК за КР Делчево поднесе кривична пријава против делчевчанецот Ц.Л. (56), вработен како референт по извоз во Македонски шуми-Голак Делчево, поради постоење основано сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Пријавениот наместо да изврши жигосување на дрвна маса на местото каде била пресечена или од местото на дотур на дрвната маса, во два наврати на 10 и 25 октомври минатата година постапил спротивно на Законот за шуми и издал две испратници за транспорт на дрвна маса, извршил жигосување на дрвна маса во количина од 5,72 кубни метри, а која дрвна маса лицето Ѓ.В. ја имал исечено од катастерската парцела која не била негова сопственост, и без одобрение за сеча. Така пријавениот овозможил лицето Ѓ.В. да се стекне со имотна корист од околу 10.000 денари, на штета на И.Н. од село Ветрен.