Од Велес низводно Вардар денеска пловат учесниците во 19-тата, односно седмата возобновена „Вардарска регата Гемиџии“ што ја организира Општина Велес.
Шеесетината учесници меѓу кои и гости од Ниш, Србија со четири гумени чамци и една дрвена гемија-реплика на онаа од 19 и почетокот на 20 век со која низводно Вардар пловеле и носеле стока за Солун велешките трговци, нивните потомци утрово запловија од Велес, а доцна попладнево треба да стасаат до целта на првата етапа, а тоа е воениот полигон „Стрела“ кај Криволак.
Ангелче Гушев еден од раководителите на регатата изјави дека добро е што ЕЛЕМ утрово од браната Козјак пуштиле вода, а со што и нивото на Вардар кое беше многу ниско, утрово е малку е зголемено за да можат да пловат по него.
Воедно потсети дека „Вардарската регата Гемиџии“ се одржува во чест на славните Гемиџии од 1903-тата од кои поголемиот дел биле велешани.
Воедно тие како организатори и други делегации пред поаѓање по Вардар, во нивна чест положија букети цвеќе на споменикот на Гемиџиите покрај Вардар во Велес.
Утре е втората етапа во која учесниците ќе пловат по Вардар од Криволак до Демир Капија, а ќе им се придружат и нови учесници со уште два -три гумени чамци. Инаку од копно регатата и оваа, како и во изминатите години ја има логистичката поддршка од претставниците на АРМ од велешкиот гарнизон.
Во сабота учесниците ќе пловат од Демир Капија до Марвинци и во недела од Марвинци до во близина на мостот на Вардар кај Гевгелија.
Ангелче Гушев информира дека тие како организатори разговарале со градоначалникот на Солун за регатата да може да плови низводно Вардар се до Солун, но тој им поставил неколку услови, меѓу кои регатата да не се вика Гемиџии и уште неколку барања кои за нив како организатори и за Македонија како држава се неприфатливи.
– Ние не можеме да ги прифатиме нивните услови и поради тоа за жал и оваа година не може да се исполни нашата дамнешна желба како организатори, „Вардарската регата Гемиџии“ наместо до Гевгелија да продолжи низводно Вардар се до Солун, потенцира Гушев.